• вторник, 26 ноември 2024

Водство на СДСМ, според анкетата на „Стратум РиД“, според „АКСИОС“ води ВМРО-ДПМНЕ

Водство на СДСМ, според анкетата на „Стратум РиД“, според „АКСИОС“ води ВМРО-ДПМНЕ
Скопје, 10 октомври 2021 (МИА) - Две анкети беа објавени денеска во пресрет на локалните избори, кои ќе се одржат на 17 октомври, според едната водство има владејачката партија СДСМ, според другата  опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Доколку утре се одржат локални избори, поголем процент од граѓаните би гласале за СДСМ, покажува истражувањето за расположението на граѓаните спроведено од страна на агенцијата „Стратум РиД“ во последната недела од септември и првата недела од октомври. Според резултатите, 26,1 процент од граѓаните опфатени со истражувањето се изјасниле дека би гласале за СДСМ, а 23,8 проценти за ВМРО-ДПМНЕ. За Демократската унија за интеграција би гласале 11,64 проценти, а за Алијанса на Албанците 11,49. За БЕСА би гласале 2,87 проценти. Поддршка за независните кандидати би дале 11,2 проценти. Од вкупниот број испитаници, 14,3 проценти се изјасниле дека нема да гласаат, а 8,7 проценти дека не знаат дали би излегле на гласање. Резултатите од истражувањето покажуваат благ оптимизам кај граѓаните во споредба со периодот јули 2020 година кога оптимизмот беше на најниско ниво. На прашањето „Какви се финансиските очекувања во Вашето домаќинство во следните 12 месеци“, речиси кај една четвртина од населението очекувањата се подобрени, а кај половина останати се исти. Една шестина од населението се чувствува финансиски послабо од претходно но, овој процент, како што наведуваат од Агенцијата, 18 месеци по првиот бран од пандемијата се чувствува помалку несигурно односно со статистички значајна разлика од над 5 проценти. Најголем дел од испитаниците ја оценуваат финансиската состојба во домаќинствата како значително подобрена и се подготвени да купат трајни добра како што се бела техника, мебел, автомобил… Во однос на очекувањата за тоа дали ќе растат или не цените во следните 12 месеци, се забележува раст на граѓаните кои сметаат дека цените ќе растат, како и пад на граѓаните кои од јули 2020 досега сметале дека цените ќе останат исти или ќе се намалат. Истражувањето, како што наведуваат од Стратум РиД“ се спроведува со директни интервјуа во домаќинствата на испитаниците, односно триетапен стратификуван случаен примерок со големина од 1.200 домаќинства. Грешката на примерок изнесува +/- 3,4%. Со анкета денеска излезе и Институтот „АКСИОС“, чии резултати покажуваат зголемување на рејтингот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето „За чиј кандидат ќе гласате на следните локални избори 2021?“, според анкетата на „АКСИОС“ за СДСМ и коалицијата- Најдоброто за вашата општина се изјасниле 22,7 проценти, за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата- Создади нова иднина 28,2 проценти, за ДУИ- Избери живот гласај зелено шест проценти, за Коалиција ААА - 6,4 отсто, за „Останати партии/ коалиции“ се изјасниле 5,5 отсто, за „Ниту еден“ се определиле 13,1 отсто, а „Не знам - немам одговор“ избрале 18,1 отсто. Во однос на расположението за Град Скопје, кое е испитано на примерок од 824 испитаници, за Петре Шилегов  - СДСМ се определиле 13,2 проценти, за Данела Арсовска – независен кандидат 18,9 проценти, за Перо Георгиевски- Левица 5,4 проценти, за Арбен Шаќири – ДОМ и ЛДП 4,8 отсто, за Ана Петровска- независен кандидат 4,3 проценти, за „Друг“ се изјасниле 9,7 отсто, за „Ниту еден“ 19,2 проценти, а 24,5 проценти избрале „Не знам - немам одговор“. Анкетата, како што се наведува во соопштението е спроведена во период од 2 до 6 октомври во секоја општина/Град Скопје во Република Северна Македонија засебно во однос на демографската средина и бројот на жители во општината/градот Скопје. Анкетата, како што се наведува во соопштението е спроведена на нарачка на „Институтот за Социолошки истражувања, иницијатива ЛОГОС“, а направена е на примерок од 1345 испитаници на територија на земјава. Статистичкта грешка на анкетата е околу 2 отсто. ац/

Остани поврзан