• недела, 22 декември 2024

Владата ќе помага во уредувањето на кочанската депонија

Владата ќе помага во уредувањето на кочанската депонија

Штип, 8 ноември 2024 (МИА) - Владата ќе обезбеди финансиски средства за уредување на депонијата во Кочани со цел да се реши проблемот со кој се соочуваат кочанчани со години наназад, а тоа е чадењето и загадувањето на воздухот.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска од Штип на новинарско прашање за решавање на проблемот со депонирање на отпадот на општините Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево на кочанската депонија одговори дека Владата ќе се залага за обезбедување на финансиски средства за уредување на депонијата и да не се отвораат нови диви депонии. Ова ќе трае се до изградбата на првата регионална депонија во светиниколското село Мечкуевци, со цел да не се реактивираат веќе затворените депонии во источниот регион.

-Апсолутно имаме проблем со депонии на ниво на државата, и мора да има регионални депонии кои ќе се уредуваат. Веќе се работи конечно за изградбата на регионалната депонија во Свети Николе со што ќе се реши проблемот. Ние се залагаме да се уреди оваа депонија, и сега гледате каква е депонијата. Она што можам да го дадам како ветување е дека додека не се изгради депонијата во Свети Николе и јас и премиерот сме на располагање да се помогне за уредување на депониите, вели Николовски.

Протестот во Кочани на патот кој води кон градската депонија продолжува и денеска, а се пропуштаат возилата само на кочанското комунално претпријатие „Водовод“. вдј/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан