• понеделник, 23 декември 2024

Велески за МИА: Ова е време на рационалност и поголема грижа за менталното здравје

Велески за МИА: Ова е време на рационалност и поголема грижа за менталното здравје
Прилеп, 4 август 2021 (МИА) - Пандемијата не е завршена, и нормално е дека луѓето се внимателни, претпазливи. И тоа е добро. Стравот ги држи луѓето да го одржуваат тоа ниво на самозаштита, што е многу битно. Сметам дека во наредниот период, сѐ додека постои опасност да се шири вирусот, луѓето треба да бидат внимателни, но тоа да не значи паничен страв, туку одржување на тие механизми кои ќе ги држат во една дистанца и хигиенска заштита, нагласува во интервју за МИА, Јован Велески, клинички психолог. Како што посочува тој, ние сакаме или не можеме да веруваме, но овде во овој дел од Балканот, истакнува, недостигот од ментално здравје постои повеќе години. Порачува дека мора да обратиме повеќе внимание на менталното здравје, зашто постковид-состојбите, покажуваат резултатите, го бараат тоа. Во каква психолошка состојба се луѓето кои веќе тргнаа да се вакцинираат. Се чини дека остава траги тоа исчекување што ќе биде наредниве месеци. Особено што постои опасноста од делта-сојот? - Пандемијата донесе многу промени во животот. И вирусот, и луѓето, сакаат да продолжат да живеат. Со оглед дека стивнаа бројките на заразени, некако како психолошката состојба да се порелаксира. Едни прележаа, други се вакцинираа и се подготвени за понатамошен живот. Она што е битно, според науката, секогаш една третина од популацијата, или поконкретно 38 отсто од населението, не е подготвено да прифати каква било промена. Но, реалноста е сосема нова и таа реалност треба да продолжи како што си го живеевме животот досега, но со одредени нови, културни и хигиенски, навики, вообичаени по секоја пандемична појава, особено кога се во прашање заразните болести. Тоа значи дека луѓето треба да бидат релаксирани, да си ги „бркаат“ работите, да се подготвуваат за животните предизвици, но треба да имаат една дистанца, едно ниво кое ќе обезбедува да не се ставаат како потенцијални „заболувачи од вирусот“. Вашето прашање се однесува на две категории кои имаат сосема различни механизми на реакција и психолошка одбрана. Едната е човекот како индивидува со својата телесна и ментална шема, а другата е општеството со својата структура и резилиентност. Вие ме прашувате како индивидуата и како општеството реагира на вакви животозагрозувачки ситуации, како што е конкретнава пандемија. За споредба ќе направам една дигресија. Како реагирале луѓето и општеството во минатите векови при појавата на заразни пандемии? Ќе кажам дека луѓето реагирале инстинктивно и со незнаење за причинителот на заразата, а општеството, како целина, реагирало многу сурово спрема заболените. Но сега е 21 век, имаме понапредна медицина, современа дијагностика, кои може да го препознаат непријатниот причинител на заболувањето и општества, кои горе-долу имаат капацитет да се справат и да се конектираат во начинот и формата на преземање мерки. Видете, интелигенцијата е факторот што нѐ штити да опстојуваме, и како поединци, и како општество. Тоа е едноставната формула да се донесе правилна одлука за заштита. Ако сакате „народски“ да ви кажам, избегнувајте да правите работи што не ви се потребни да ги правите, личната дисциплина е решение за личната сатисфакција. Тоа ќе ги држи вашето тело и вашиот ментален склоп во активна позиција да се приспособат на секоја промена и да дадат адекватен одговор. Светската здравствена организација (СЗО) бара поголемо внимание да се посвети на постковид-психолошката состојба кај луѓето, но и на лекувањето. Што се случува? - Во моментов СЗО дава препораки каде ќе се појави новиот проблем. Ние сакаме или не можеме да веруваме, но овде во овој дел од Балканот недостигот од ментално здравје постои повеќе години. Транзицијата на капиталот и општествениот систем траат предолго, но транзицијата на менталитетот - не, што доведува до одредена општествена конфузија. Пандемијата е уште едно жарче на раната на менталната еномија, која го зафати најголемиот слој на македонското општество, без разлика на материјалната, моралната и интелектуалната тежина на поединецот. Мора да обратиме повеќе внимание на менталното здравје, зашто постковид-состојбите, покажуваат резултатите, го бараат тоа. Како психолошки да се подготвиме за наредниот период? - Во овој изминат период, психолошката помош беше најбитна за луѓето кои се почувствителни. Хронично болните знаат и се штитат, и тоа е нивна предност, без разлика дали се ментални или физиолошки болести. Меѓутоа онаа категорија луѓе која се приспособува, учениците, студентите, оние на новите работни места, оние што планираат да работат и да живеат во странство, или некаде да патуваат, кај нив стравот е поизразен, и би требало така да биде. Проблем е релативно здравата и активна популација на македонското општество. Колку физички појак, толку ментално послаб во дисциплината и самодициплината. Системот на ментална заштита нема да дозволи еден телесен симптом да пропадне таму каде што е слаб, туку ќе соматизира таму каде што е најјак. Со други зборови, егото го расипува телото. Имајќи го ова предвид, треба и да се подготвиме за заштита. Точно така да течат и подготовките на психолошки план за евентуален нов бран или појава на некоја непогода со која животот обилува. На конкретно ниво, тоа би значело дека секој човек ги знае сопствените можности, треба да ги рационализира, да ги стави во прагматична функција, да се придржува кон лични и службени протоколи и да не се оптоварува со работи што се непотребни. Животот еднаш се живее како човек. Ова е време на паметни и рационални луѓе. Елизабета Митреска

Остани поврзан