• вторник, 05 ноември 2024

„Василичарска епопеја“ - мурал со мотиви од Вевчанскиот карневал насликан во центарот на Вевчани

„Василичарска епопеја“ - мурал со мотиви од Вевчанскиот карневал насликан во центарот на Вевчани

Вевчани, 20 ноември 2023 (МИА) - „Василичарска епопеја“ е насловен муралот насликан на објект во центарот на Вевчани, од академските сликари Ангелина Спировска и Владо Муковски, со поддршка на Министерството за култура.

Муралот, како што појасни за МИА, Спировска, е инспириран од вековната традиција на Вевчанскиот карневал, а се протега на површина од 25 метри квадратни.

- Идејата за муралот пред се беше што во Вевчани и пошироко во регионот нема такво јавно уметничко дело, кое сега е достапно за сите граѓани. Сега луѓето не треба да одат во галерија, туку имаат уметничко дело, кое им раскажува многу битна работа за нив, тоа е вековната традиција на Вевчанскиот карневал. Можат заеднички да ужуваат во уметноста. Тоа е интересно и за посетителите, вели Спировска.

Муралот, според авторката, го раскажува целиот Вевчански карневал, со целата традиција и симболи.

 - Самиот наслов на „Василичарска епопеја“ го раскажува целиот настан што се случува за Василица. Почнувајќи од раните мугри со појавување на маските на глупавите августи, кои ја предводат карневалската поворка, заедно со зетот, невестата, музичарите со традиционалните зурли и тапани до зетот и невестата облечени во вевчанска облека одат на извори до чинот на претставување на маските. Одењето на Вевчанските извори и завршува со претстава на последниот чин од Вевчанскиот карневал, палењето на маските, појасни Спировска во разговор за МИА.

Локацијата, нагласи, е интересна, бидејќи е во центарот на селото, каде што се одвива карневалот, во чија непосредна близина има и амфитеатар, со што просторот се збогатува со уште една културна содржина.

- Може да кажеме дека овој мурал е заедничко дело на сите вевчанци, бидејќи е инспирирано од нивната традиција и нивниот карневал. Вевчанци преку карневалот се чуварите на традицијата. Тоа се гледа преку традиционалната облека на зетот и невестата, претставени во муралот со сите обичаи, каде зрачи традицијата, но истовремено се и критичари на општествените процеси, кои ги изразуваат преку маските. На некој начин се и визионери на иднината, нагчаси Спировска.

Проектот, според министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, ја надминува естетиката и е доказ за посветеноста на Министерството, за зачување и славење на нашето културно наследство.

- Ова монументално уметничко дело оддава почит на богатиот културен опус на Вевчани, овековечувајќи го наследството на нашиот негуван Вевчански карневал - еден од најстарите европски и први карневали во државата, зачленет во Светската карневалска федерација. Мотивот на муралот одлично се вклопи во просторот и контекстот, а Вевчани дополнително се оживеа благодарение на големата површина на муралот и живите бои, напиша Костадиновска Стојчевска на фејсбук.

Целта на проектот, според авторите Спировска и Муковски, е да се овековечи една многу важна културна манифестација во уметничко ликовно дело. Од особено значење, како што посочуваат, е ваквиот придонес во културата и уметноста, во помалите места каде нема или пак има само мал број галерии, музеи и културно уметнички настани. Директното влијаније на муралот со својата монументалност како и со достапноста во секое време, директно ќе влијае врз луѓето и нивната културно - уметничка свест. сс/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан