• четврток, 21 ноември 2024

Блинкен на средба со бразилскиот претседател Силва

Блинкен на средба со бразилскиот претседател Силва

Бразилија, 21 февруари 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во период на дипломатски скандал откако бразилскиот лидер ја спореди војната на Израел во Појасот Газа со нацистичкиот геноцид за време на Втората светска војна.

Во краток коментар пред медиумите, на средбата во претседателската палата во Бразил, Лула се осврна на претстојните претседателски избори во САД во ноември.

Блинкен одговори дека американската политика е силно „поларизирана“ и дека изборите ќе се сведат на борба за шест или седум држави, вклучувајќи ги Пенсилванија, Мичиген, Висконсин и Невада.

„Има се помалку неопределени гласачи. Се води борба за многу тенок сегмент од гласачкото тело“, додаде Блинкен.

Американските власти очекуваат Лула и Блинкен да имаат сериозен разговор за глобалните безбедносни прашања, вклучително и конфликтот во Газа предизвикан од нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври во јужен Израел.

Во понеделникот, Израел објави дека Лула не е добредојден во земјата додека не се откаже од своите коментари.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер вчера изјави дека Вашингтон не се согласува со коментарите на Лула, но одби да одговори што Блинкен ќе му каже на Лула за ова прашање на средбата.

Бразилскиот претседател ги даде своите коментари по неговата последна посета на Блискиот Исток минатата недела и непосредно пред состанокот на министрите за надворешни работи во Рио де Жанеиро за време на бразилското претседавање со групата на напредни економии Г20.

Вашингтон, кој му дава на Израел воена и дипломатска поддршка, го повика Тел Авив да ги заштити палестинските цивили, но го поддржа правото на земјата за напад милитантите на Хамас во Појасот Газа.

Пред патувањето на Блинкен во Јужна Америка, помошникот државен секретар за западната хемисфера Брајан Николс им рече на новинарите дека споделувањето идеи за конфликтот во Газа ќе биде „клучно за разговорот“ меѓу двајцата.

„Тие, исто така, ќе разговараат за напорите за промовирање на демократијата во Венецуела, американско-бразилско партнерство за работничките права и соработка за транзиција на чиста енергија“, рече Николс. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан