• недела, 29 септември 2024

Бислими со помошникот секретар на ОН, Јенча: Српските борбени авиони летаат околу границата со Косово

Бислими со помошникот секретар на ОН, Јенча: Српските борбени авиони летаат околу границата со Косово

Приштина, 21 јуни 2024 (МИА) – Косовскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими се сретна со помошникот генерален секретар на Обединтетите нации за Европа, Централна Азија и Америка, Мирослав Јенча, кого го информирал за состојбите во земјата и регионот и за текот на дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на владината служба за информирање, Бислими го информирал помошникот секретар Јенча за последните случувања, „истакнувајќи ја конструктивноста и континуираната посветеност“ на косовската страна во процесот на номализацијата на односите, кој „за жал е соочен со деструктивност и недостаток на волја и подготвеност за натамошни чекори имплементација на договорите од другата страна“.

За деструктивниот пристап и постојаната закана што Србија ја претставува за Косово, главниот преговарач на Косово во дијалогот меѓу двете земји потсетил дека Србија има 48 фронтни оперативни бази околу границата со Косово.

- Континуирано одржува големи воени вежби на неколку километри од границата со Косово и лета со борбени авиони МИГ 29 околу границата, изјавил вицепремиерот.

Според соопштението, Бислими го информирал гостинот за целите и постигнувањата на Владата во последните три години, при што истакнал дека, меѓу другото, интеграцијата во Европската унија и членството во меѓународните организации се суштински цели на Косово.

Помошникот генерален секретар на ООН, Јенча во рамките на балканска турнеја, денеска допатува во Косово, каде ќе престојува во дводневна посета. иа/рп/

Остани поврзан