• понеделник, 23 декември 2024

Бесплатна работилница за креативно пишување на „Бит фест“

Бесплатна работилница за креативно пишување на „Бит фест“

Скопје, 22 август 2024 (МИА) - Битолското културно лето „Бит фест“ денеска и утре ќе биде домаќин на настан на кој неколку извонредни македонски писатели, лично ќе ги споделат своите тајни за пишувањето. Од Општина Битола информираат дека првата бесплатна работилница за креативно пишување ќе создаде можност за навлегување во инспиративноста и прекрасниот уметнички израз на четири различни авторски сензибилитети кои секогаш на свој начин ја воодушевуваат читателската публика.

Дводневниот настан на кој ќе царуваат книжевноста и креативното пишување ќе се одржи во „Порта Џез“, а денеска од 11:00 до 12:00 часот, гостите ќе имаат можност да разговараат со Фросина Пармаковска и Петар Андоновски, додека во вечерниот дел од 19:00 до 20:30 часот, низ ќе се одржи работилницата на Ана Јовковска и Дарко Лешоски.

Утре на истата локација од 11:00 до 12:30 часот, четворицата македонски писатели Ана Јовковска, Дарко Лешоски, Фросина Пармаковска и Петар Андоновски, ќе го одржат вториот дел од оваа работилница.

Модератор на работилницата за креативно пишување е Јасмина Атанасова.

Ана Јовковска е новинарка, уредничка, колумнистка, научна истражувачка, ТВ-водителка, специјалистка за односи со јавност и промоција, тренер за комуникациски вештини и активистка. Последниве три години се посветува на докторските културолошки студии и научно-истражувачката работа во Институтот за македонска литература во Скопје.

Авторка и продуцентка е на неколкупати наградуваната дебатна емисија „Пулс“, која се емитуваше од 2007 год. Во текот на дваесет и петте години континуирана работа во различни медиуми направила над 1500 интервјуа, анализирајќи ги актуелните социо-културни феномени.

Учествувала во голем број истражувања и кампањи од областа на комуникологијата, културолошките студии, медиумското образование и креативните индустрии. Активистка и амбасадорка на добра волја е на кампањи за човекови права, здрава животна средина, социјална инклузија, родова еднаквост, права на животни и др.

Авторка е на седум книги: „Пулсот и времето“, „Ехо на слободата“, „Сакам, значи постојам“, Емотивен талог“, „Уметноста на дијалогот“, и илустрираните книги за деца „До небото и назад“ и „Љубов во топка.“

Дарко Лешоски по потекло е од Вевчани, но живее во Скопје од своите 14 години. Toj е поет, писател, визуелен и сестран уметник. Иако не сака да зборува за тоа што го пишува, неговите писанија одекнуваат многу посилно од неговиот молк. За неговата поезија ќе напишат „ Песните на Дарко повеќе личат на раскази, и тоа не само затоа што се долги, туку затоа што во нив има вистинска нарација, атмосфера, ликови, настани, причинско-последични врски, препознатливи „топоси" на современата култура - Чет Бејкер, Том Вејтс, Паско Кузман, Кустурица, Пејпал, Џим Кери, Дорина со ориз – почеток, средина и крај, иако не нужно и по тој редослед...Тој не пишува поезија. Тој само запишува што мисли.“

Негови се поетските книги „Дете од лоша фамилија“ и „И тогаш Јаков му дари на Јосиф шарена облека“. Преведуван е на англиски, словенечки, кинески и на други јазици.

Фросина Пармаковска е родена во Скопје, дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска книжевност, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“.

Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2018 год.  Покрај раскази објавувани во книжевни списанија, ги има објавено и романите „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“ (роман на годината во 2017 год), „На враќање’ и „Се’ уште можам нешто да сторам“ за кој оваа година ја доби наградата „Рациново признание.“

Петар Андоновски роден кумановец,  дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ја има издадено збирката поезија „Ментален простор“. За романот „Телото во кое треба да се живее“ ја добил наградата Роман на годината на Утрински весник за 2015 г. А за романот „Страв од варвари“ ја добил Европската награда за литература за 2020 г. Останати негови романи се „Очи со боја на чевли“, „Не кажувам“ и „Лето во кое те нема“ за кој ја доби наградата: ПЕН преводи од англискиот ПЕН-центар. Андоновски преведува од грчки јазик, а неговите романи се преведени на англиски, француски, италијански, српски, хрватски, албански, бугарски и словенечки јазик.фф/ев/

Фото: Општина Битола

Остани поврзан