• недела, 14 април 2024

Бербок: Владата на Црна Гора е посветена на реформите кои ќе ја донесат во ЕУ

Бербок: Владата на Црна Гора е посветена на реформите кои ќе ја донесат во ЕУ

Подгорица, 4 март 2024 (МИА) – Владата на Црна Гора јасно покажа дека е посветена да работи на реформите што ќе ја доведат до Европската унија, изјави денеска во Подгорица германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

Таа по разговорите со највисоките црногорски функционери рече дека „до летото оваа година треба да се постигнат привремени услови во поглавјата 23 и 24 (владеење на правото)“ и оцени дека тоа е „силен сигнал до оние кои закаат да го забават тој пат“.

- Европскиот проект е гарант на слободата, демократијата и владеењето на правото. Сакаме да ја искористиме новата динамика и да се движиме рамо до рамо со Црна Гора кон ЕУ. Идната ЕУ мора да ги зајакне своите структури и да го реформира својот процес на одлучување, рече Бербок.

Германската министерка нагласи дека проширувањето на ЕУ е императив, особено по руската агресија врз Украина.

- Нашето „животно осигурување“ е членството во НАТО и ЕУ, и важно ни е Црна Гора да ги има и двете „животни осигурувања“. Работиме интензивно и го зајакнуваме тој пат, изјави Бербок.

- Покажавте лидерство не само во внатрешната политика, туку и во регионот. Важно е направените грешки да се поправат, а тоа важи и за нас и за вас, бидејќи Европа не беше подготвена кога требаше да најде пари за разни проекти, рече Бербок.

Одговарајќи на прашањето за „малигните руски влијанија“, таа рече дека „има и такви кои сакаат да ја ослабат либералната држава“.

Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Филип Ивановиќ, на заедничката прес-конференција рече дека Црна Гора „ги цени и внимателно ги следи ставовите на европските партнери и пријатели“.

- Сметаме дека процесот на проширување е реален и остварлив и затоа решивме сите наши капацитети да ги ставиме во служба на европската интеграција на Црна Гора. Тоа е нашата основна цел, изјави Ивановиќ. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан