• понеделник, 23 декември 2024

„Банана филм“: Управниот суд го прифати барањето да се донесе времена мерка против Агенцијата за филм

„Банана филм“: Управниот суд го прифати барањето да се донесе времена мерка против Агенцијата за филм

Скопје, 24 јули 2023 (МИА) - Управниот суд го прифати барањето на продуцентската куќа „Банана филм“ да се донесе времена мерка против Агенцијата за филм. Од „Банана филм“ соопштија дека Агенцијата ги стопирала исплатите за веќе одамна завршениот филм „Кајмак“, а го стопирала и потпишувањето на пред-договорот за филмот „Биста“ („Збогум, Копакабано!“) кој доби поддршка на минатогодишниот конкурс од самата Агенција.

-На минатонеделното рочиште Управниот суд го уважи барањето на „Банана филм“, со што в.д. директорот на Агенцијата Бојан Лазаревски, ќе мора да даде налог за исплата на преостанатите 30 отсто по договорот за „Кајмак“ и ќе мора да склучи пред-договор и да исплати 5 отсто за развој на сценарио за „Биста“. Доколку не ја почитува одлуката,  в.д. директорот ризикува да одговара кривично за неизвршување на судска одлука, се вели во соопштението на продуцентската куќа.

„Банана филм“ претходно поднесе тужба до Агенцијата, тврдејќи дека постапува незаконски во однос на филм кој е веќе одобрен од самата Агенција, прифатен, завршен и дистрибуиран по цел свет.

-Во меѓувреме, неделава Комисијата за заштита на конкуренција отвори постапка против Агенцијата за филм и приватното здружение  ДФРМ за испитување на забранета државна поддршка. Допис за доставување на целокупната документација е веќе доставен до Министерството за култура. Според наоди на Државниот завод за ревизија, но и на самото Министерство за култура, Агенцијата незаконски му исплатила на приватното здружение над 120.000 евра. После негативниот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Агенцијата за филм и ДФРМ, свој случај за работата на Агенцијата и на ДФРМ отвори и Антикорупциската комисија, потенцираат од продуцентската куќа. бт/нд/

Остани поврзан