• сабота, 21 декември 2024

АХВ: Водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење

АХВ: Водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење

Куманово, 29 мај 2024 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство денеска соопшти дека водата од кумановски „Водовод“ е безбедна за пиење, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство.

- Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денес, од Центарот за јавно здравје од Куманово, ги доби резултатите од лабораториското тестирање на трите земени последователни мостри од водата од кумановскиот градски водовод. Добиени се задоволителни резултати од тестирањата во однос на физичко – хемиските и бактериолошките параметри, односно водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење, поради што АХВ ја укинува забраната за нејзина употреба која беше донесена на 23 овој месец, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

И од јавното претпријатие „Водовод“ велат дека го добиле соопштението од АХВ

- Добивме потврда од АХВ, водата е безбедна за пиење. Во наредниот период односно за час-два целосно ќе се нормализира водоснабдувањето во критичните точки, притисокот ќе биде на ниво од пред заматувањето, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојамновски.

Претходно од Центарот за јавно здравје Куманово, соопштија дека нивните анализи покажале дека водата е безбедна за пиење.

- Резултатите од земените мостри од 25 26 и 27 мај, годинава, трите последователни анализи покажаа дека водата е здравствено безбедна за пиење. Извештајот е испратен до АХВ, изјави специјалист д-р Блерта Шаини Азизи.

Кумановци неколку дена купуваа вода за пиење, бидејќи беше регистрирана матност по невремето и врнежите во липковскиот регион каде пак се сместени браните Глажња и Липково. ам/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан