• недела, 24 ноември 2024

Атанасовски: Ќе се опремува медијатека во библиотеката во гимназијата во Македонска Каменица

Атанасовски: Ќе се опремува медијатека во библиотеката во гимназијата во Македонска Каменица

Македонска Каменица, 13 ноември 2024 (МИА) - Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски денеска го претстави проектот за реновирање на училишната библиотека и опремувањето на медијатека, како модерен простор за потреби на учениците. Ова како што истакна тој во неговата објава е уште еден од проектите кои се реализираат во  Средно општинско училиште "Миле Јаневски - Џингар".

-Со реализацијата на овој проект, училиштето добива модерен простор каде учениците ќе можат да реализираат активности со читање, истражување и креативно изразување. Медијатеката ќе биде опремена со богат книжевен фонд, литература, енциклопедии, прирачници и речници. Современи технолошки уреди, вклучувајќи смарт телевизори и компјутери со брз интернет. Покрај тоа, тука ќе бидат достапни списанија, брошури и публикации, а просторот ќе биде прилагоден и за состаноци и активности на учениците, создавајќи пријатна и инспиративна средина за нив, истакна Атанасовски.

Како што додаде директорката на училиштете, Данче Гоцевска "реновирањето на училишната библиотека и отворањето на медијатека во училиштето е ново искуство, предизвик и придобивка за сите во заедницата“.

-Овој проект е резултат на нашата заедничка посветеност да создадеме подобра иднина за младите, вложувајќи во нивното образование и правилен развој, додаде Гоцевска.

Таа изрази надеж, дека новоуредените простории во училиштето, ќе им послужат на учениците и ќе бидат извор на инспирација и знаење на генерациите што доаѓаат. вс/сст/


Фото: Општина Македонска Каменица

Остани поврзан