Археолошкиот локалитет „Стоби“ со над 180 илјади евра неповратни средства од ЕУ, е пример за видливи придобивки од евроинтеграциите
- Вицепремиерот задолжен за европски прашања во техничката Влада, Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска го посетија локалитет „Стоби“ (НУ за управување со Археолошкиот локалитет Стоби-Градско) каде што се во тек активности за реализација на проектот „Конзерваторско-реставраторски работи и конструктивно зајакнување на објектот Стара железничка станица и нејзина адаптација во центар за посетители“.
Скопје, 20 март 2024 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања во техничката Влада, Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска го посетија локалитет „Стоби“ (НУ за управување со Археолошкиот локалитет Стоби-Градско) каде што се во тек активности за реализација на проектот „Конзерваторско-реставраторски работи и конструктивно зајакнување на објектот Стара железничка станица и нејзина адаптација во центар за посетители“.
-Со поддршка на нашите европски пријатели и партнерите во овој проект, Стоби и околните инфраструктурни објекти, стануваат атрактивно место за туристичка посета, особено во делот на културниот туризам. Како значаен локалитет на историското и археолошкото наследство, на нашата земја и на Европа, во комбинација со природната средина, Стоби се стекнува со потенцијал за зајакнување на економскиот и културниот развој на целиот регион, истакнал вицепремиерот Маричиќ.
Тој потенцирал дека вредноста на локалитетот беше препознаена и од Соединетите Американски држави кои преку Амбасадорскиот фонд три пати обезбедија директна финансиска поддршка за: конзервација и реставрација на крстилницата во Стоби, конзервација и реставрација во епископската базилика и градба со арки - Римски Форум.
-Овој проект помеѓу партнерите од Грција и Република Северна Македонија само го потврдува значењето на еворинтеграцијата на нашата земја. Продолжувањето на преговорите со ЕУ значи и отворање на повеќе ЕУ фондови за зачувување и афирмација на македонското богато културно наследство и трајните вредности на европската култура, нагласил Маричиќ.
Тој посочил дека како овој и многу слични проекти, се јасен показател дека ЕУ ја препознава автентичноста на македонската култура, посебност и идентитет, а нашето членство во ЕУ од кое нема да се откажеме, уште повеќе ќе го зајакне и промовира нашето богато културно-историско наследство.
Костадиновска-Стојчевска информирала дека Европската Унија вложи над 495 000 евра неповратни средства во проектот „Еуропос Платино Стоби – Европското минато, иднина и културни вредности“. Од нив, 186 000 евра доби „Стоби“ за адаптација на објектот во кој посетителите ќе имаат можност да го видат движниот културолошки слој на овој археолошки локалитет, со што „Стоби“ станува поатрактивен за туристите.
– Оваа иницијатива, која беше препознаена и од партнерите во Грција дека ЕУ-фондовите не само што побрзо нè движат на европскиот пат туку и придонесуваат во одржувањето добрососедски односи и за зајакнување на комуникацијата и довербата“, нагласила Костадиновска-Стојчевска.
Таа упатила честитки до директорот на НУ Археолошки локалитет „Стоби“, Спасе Перовски, и до сите вработени за посветениот ангажман во обезбедувањето на европските средства преку ИПА-прекугранична програма со Грција.
− „Стоби“ е атракција сам по себе, но содржините што ќе се нудат во Центарот ќе бидат додадена вредност за секој посетител што овде ќе има можност да доживее ново визуелно, образовно и интерактивно искуство, истакнала Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека покрај древната историја на овој антички град, преку овој центар, на современ начин ќе се слуша гласот за историјата, културата и идентитетот на актуелната македонска култура.
Според неа, ваквите успешни имплементации на проекти од ИПА-програмата за прекугранична соработка го трасираат најефикасниот и единствен пат за остварување на нашата мисија, а тоа е трајна и одржлива заштита на македонското културно наследство во ЕУ.
Проектот „Еуропос Платино Стоби – Европското минато, иднина и културни вредности“ го реализира НУ Археолошки локалитет „Стоби“ со донација од Европската комисија преку телото за управување и развој на ИПА за прекуграничната програма Грција – Македонија, Република Грција. Партнери во проектот се: „CISS Cooperazione, Regional Development Found of Central Macedonia – Region of Central Macedonia“ и „Ephorate of Antiqes of Kilkis“. дма/аа/
Фото: СЕП и Министерство за култура