Анчелоти: Модриќ е легенда и може да остане во Реал додека сака
- Веста дека Лука Модриќ ќе го продолжи договорот со Реал Мадрид на уште една година одекна не само во Шпанија туку и ширум светот. Во пресрет на утрешниот дуел со Сосиедад во Сан Себастијан, во полуфиналето на Кралскиот куп (прв натпревар, 21.30 часот), тренерот Карло Анчелоти зборуваше за 39-годишниот играч од средниот ред.

Мадрид, 25 февруари 2025 (МИА) - Веста дека Лука Модриќ ќе го продолжи договорот со Реал Мадрид на уште една година одекна не само во Шпанија туку и ширум светот. Во пресрет на утрешниот дуел со Сосиедад во Сан Себастијан, во полуфиналето на Кралскиот куп (прв натпревар, 21.30 часот), тренерот Карло Анчелоти зборуваше за 39-годишниот играч од средниот ред.
-Не би сакал да се мешам во ова прашање. Тоа е прашање меѓу клубот и Модриќ. Истото беше и со Начо и Крос, а сега и со Модриќ. Лука е легенда на клубот, тој има право да прави што сака. Тоа е идејата на клубот. Тие ќе ја донесат најдобрата одлука за сите, а што се однесува до мене, може да остане до кога сака, рече Анчелоти.
Второто горливо прашање е Арда Ѓулер, бидејќи неговите претставници се жалат во медиумите дека нивниот клиент е запоставен од Анчелоти.
-Прочитав дека има случај со Ѓулер, но не знам за тоа. Секој играч кој има какви било сомнежи може да дојде во канцеларија да разговара со мене. Разговарав со Ендрик и со сите млади играчи, Ѓулер не дојде. Сите млади играчи треба да го поминат процесот, Вини, Родриго, Валверде. Потребно е време да се стане дел од најдобриот тим, а конкуренцијата овде е многу силна. „Придружбата“ на Ѓулер е со него секој ден и не знам дали имаат иста идеја како мене. Ми се чини дека не весламе во иста насока, изјави Италијанецот. дс
Фото: Архива