• петок, 02 август 2024

Американските демократи многу позадоволни од Камала Харис како претседателски кандидат отколку од Бајден

Американските демократи многу позадоволни од Камала Харис како претседателски кандидат отколку од Бајден

Вашингтон, 1 август 2024 (МИА) - Гласачите на американската Демократска партија се значително позадоволни од Камала Харис како потенцијален претседателски кандидат на партијата отколку од можностите на актуелниот шеф на државата, Џо Бајден, покажа новото истражување.

Осум од 10 демократски гласачи изјавиле дека би биле донекаде или многу задоволни доколку Харис стане претседателски кандидат, покажува анкетата на Асошиејтед прес и на Центарот за истражување на јавното мислење НОРК (NORC), спроведена од 25 до 29 јули.

Претходната анкета на АП-НОРК, спроведена пред Бајден да се повлече од претседателската трка, но по неговиот слаб настап во дебатата со Доналд Трамп, покажа дека само четворица од 10 демократски гласачи изјавиле дека би биле донекаде или многу задоволни доколку е номиниран актуелниот шеф на државата.

Брзата промена на ставовите меѓу демократите за краток временски период покажува дека партијата, од обични гласачи до избрани функционери, брзо се обедини во поддршката на Камала Харис како кандидатка, мотивирана од свежото лице на врвот на листата и обновениот оптимизам за шансите против Трамп на изборите на 5 ноември.

Американците денеска во поголема мерка можат да кажат дека Харис ќе биде добра претседателка отколку во јули, кога Бајден се уште се сметаше за кандидат. Сепак, тие сè уште мислат дека изборите ќе бидат неизвесни: 56 отсто од возрасните Американци велат дека Трамп има поголеми шанси да победи доколку Харис му биде противкандидатка.

Околу седум од 10 возрасни црнци и околу половина од возрасните хиспаноамериканци би биле задоволни доколку Харис биде демократски кандидат. Тоа е значително зголемување од претходното истражување во јули, кога половина од возрасните црни и само 15 отсто од возрасните хиспаноамериканџи беа задоволни со Бајден како очекуван кандидат на демократите.

Кога станува збор за Американците помлади од 45 години, околу четворица од 10 велат дека би биле среќни со Камала Харис како кандидат, додека претходно овој месец само 17 отсто изјавиле дека би биле среќни со Бајден.

Новото истражување покажува и дека позитивниот став кон Камала Харис е зголемен, на 46 од 39 отсто гласачи колку што беше на почетокот на летото, пред дебатата меѓу Трамп и Бајден. Кога станува збор само за демократите, сега осум од 10 испитаници имаат позитивен став за Харис, што е нешто повеќе отколку на почетокот на јуни, кога околу седум од 10 од нив го изразија овој став.

Кандидатурата на Камала Харис е историска, бидејќи доколку победи, таа би станала првата жена на функцијата претседател на САД, но и првата црнка и првата азиска Американка. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан