Американскиот подофицер призна дека продавал доверливи воени информации
- Американски подофицер призна дека продавал чувствителни воени информации на странец во Хонг Конг, вклучително и десетици документи за теми кои се движат од американски ракетни системи до кинеска воена тактика.
Вашингтон, 14 август 2024 (МИА) - Американски подофицер призна дека продавал чувствителни воени информации на странец во Хонг Конг, вклучително и десетици документи за теми кои се движат од американски ракетни системи до кинеска воена тактика.
Наредникот Корбејн Шулц, кој беше разузнавачки аналитичар, се изјасни за виновен денеска пред Федералниот суд во Нешвил. Тој претходно се изјасни за невин, а потоа побара да ја смени изјавата минатиот месец.
За информациите тој добил вкупно 42.000 долари во 14 исплати, соопштија обвинителите.
Шулц е обвинет по шест точки, вклучително и заговор за добивање и откривање информации за воена одбрана и поткуп на јавен службеник.
Тој беше уапсен во март, а казната ќе му биде изречена на 23 јануари 2025 година. рп/
Фото: МИА архива