• недела, 22 декември 2024

ОАЕ започнуваат двонеделна кампања за помош на Либан

ОАЕ започнуваат двонеделна кампања за помош на Либан

Абу Даби, 7 октомври 2024 (МИА) - Во Обединетите Арапски Емирати започна филантропска кампања на солидарност со народот на Либан, според инструкциите на претседателот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.

Кампањата ќе се спроведува од 8 до 21 октомври под слоганот „ОАЕ застануваат со Либан“, а има за цел да ги вклучи заедницата, институциите и организациите од јавниот и приватниот сектор.

Зборувајќи за важноста на кампањата, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан ја истакна исклучителната важност што ОАЕ ја придаваат на помагањето на народот на Либан во нивната тешка хуманитарна ситуација.

Тој изрази уверување во заедницата на Обединетите Арапски Емирати - луѓе, компании и институции - дека ќе застанат покрај луѓето кои се соочуваат со кризни ситуации и ќе им пружат поддршка.

Најавата за кампањата дојде веднаш по одлуката на претседателот Зајед Ал Нахјан, кој одобри пакет итна помош во вредност од 100 милиони американски долари како дел од напорите на земјата да го поддржи народот на Либан.

ОАЕ испратија шест авиони натоварени со околу 205 тони медицински материјали, храна, материјали за помош и опрема за засолништа.

Ова беше направено во соработка со меѓународните партнери како што се Светската здравствена организација (СЗО), Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации и Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан