• вторник, 09 јули 2024

Kасами: Општина Тетово почна да ги намалува долговите

Kасами: Општина Тетово почна да ги намалува долговите
Тетово, 3 ноември 2022 (МИА) - Градоначалникот на Тетово Биљал Касами на прес-конференција денеска информираше дека речиси една година по преземањето на функцијата во одредена мера е намален долгот на општината, јавните претријатија и училиштата. Тој образложи дека од вкупниот долг од 24.018.000 евра, сега е намален на 23.400.000 евра. - Од вкупниот долг, главно намалување е долгот на самата општина од 14 на 13 милиони евра. Како резултат на успешното менаџирање на општинските финансии, успеавме да исплатиме над 3 милиони евра од наследениот долг, но во исто време, имајќи го предвид фактот дека продолживме со зголемен интензитет со реализација на инфраструктурни проекти (патишта, водовод, канализација и сл.) кои имаат вредност од над 2 милиони евра, нето долгот на општината е намален за околу 1 милион евра и денеска изнесува околу 13 милиони евра, информираше Касами. Тој посочи дека кај училиштата сите долгови од 80 илјади евра се целосно раздолжени и тие функционираат нормално, но проблеми со надминување на долговите има кај комуналното претријатие. - Состојбата се уште е потешка во ЈКП, која дојде како резултат на зголемувањето на минималната плата, како и енормното поскапување на струјата и нафтените деривати од една страна, и неуспешната наплата на сметките од друга страна. Кога дојдовме на власт, ова претпријатие имаше речиси 10 милиони евра долг и многу други проблеми, како доцнење на плати, немање доволно кадар, ниту опрема (камиони, контејнери и сл.). За соочување со овие проблеми донесовме одлука дека е потребна целосна реорганизација на претпријатието, за што имаме краткорочен и долгорочен план, со кои очекуваме дека ЈКП конечно ќе почне да работи функционално, ефикасно и без проблем во услугата на граѓаните, истакна Касами. Единствено општинското претријатие кое работи без пооглеми проблеми е ЈП „Градски паркинг“. - Покрај долгот што го објавивме, затекнавме и неисплатени плати на вработените од над 50.000 евра. Ги расчистивме и сега платите се добиваат уредно и навремено. И покрај сите тешкотии, претпријатието успеа да исплати дел од долгот и денеска работи со деблокирана сметка, рече Касами. Според градоначалникот зголемени се и приходите на општината. - За само една година ја добивме довербата од граѓаните и плаќањата и обврските кон општината постигнаа значително подобрување во однос на претходните години. Сопствените приходи на општината (данок на имот, данок на промет и други општински даноци) за само 10 месеци се остварени за речиси 120% (160 милиони денари од планираните 135 денари). За една година од кога раководиме со општина Тетово, имаме остварено личен доход во износ од над 200 милиони денари, речиси 85 милиони повеќе од она што го оствари претходното раководство за истиот временски период, изјави Касами. Градоначалникот информираше дека за овој период на име на казнена камата, во текот на оваа година, извршителите од општината зеле близу еден милион евра. ас/цр

Остани поврзан