• петок, 22 ноември 2024

Меџити: Функцијата вицепремиер не е законски уредена, но е регулирана со Деловник на Влада

Меџити: Функцијата вицепремиер не е законски уредена, но е регулирана со Деловник на Влада

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вечерва во однос на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски која се однесуваше на „џентлменскиот договор“ за функцијата прв вицепремиер во Владата, напомена оти е точно дека оваа функција не е законски регулирана, како што не била ни во минатото, но регулирана е со Деловникот на Владата.

- Имаме договор. Јас сум првиот вицепремиер и тоа го објасни и премиерот. Точно е дека законски не е регулирано тоа. И во минатото, првиот вицепремиер не бил законски, но тоа е регулирано со Деловникот на Владата, во кој е точно утврдено дека постои прв вицепремиер и дека тоа сум јас, рече Меџити во интервјуто на ТВ Телма.

Тој посочи дека фокус на оваа Влада се економијата, економскиот развој и животниот стандард. Ова се, како што рече, заеднички цели на трите партнери, како и борба против корупцијата, правна држава и евроинтеграции.

Тој се осврна и на претходната Влада за која рече дека „оставила многу половични решенија, без да ги регулира со закон како што треба“.

Во однос на Балансерот, Меџити напомена дека заедничка заложба е освен етничката застапеност, да има и квалитет при изборот.

- Во минатото заради партиските вработувања бил запоставен квалитетот на администрацијата и од една и од другата заедница. И затоа цело време се бара да се реформира администрацијата и да биде достојна за новите предизвици, за евроинтеграција. Механизмот на балансерот кој во почетокот имаше ефект за правичната застапеност на помалите заедници на ниво на републиката, исто и за Македонците на ниво на општините. Во минатите години имаше доста случаи во кои балансерот не беше во функција на правична застапеност, туку на злоупотреба на ова и продлабочување на дискриминацијата, изјави Меџити.

Како што нагласи Меџити, Балансерот со одлука ќе се унапреди во Закон за правична застапеност и запазување на квалитетот при вработување. бт/бак/

Фото: принтскрин

 

 

Остани поврзан