• понеделник, 23 декември 2024

Edu Cuts работилници за филм за млади од Западен Балкан

Edu Cuts работилници за филм за млади од Западен Балкан

Скопје, 9 мај 2024 (МИА) - Во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, кој се спроведува со поддршка на Британскиот совет, формирана е мрежа на филмски фестивали и организации Edu Cuts чија цел е едукација на млади таленти од областа на филмот. 

Иницијатор на мрежата е „Планет-М“ од Скопје, организатор на Филмскиот фестивал „Џифони Македонија“, а партнери се: „Филм арт“ од Пожега, Србија (организатор на фестивалот и кампот за документарни филмови Интеракција), Здружението на млади уметници од Сараево  (организатор на Telemach Omladinski Filmski Festival), PriFest од Приштина (Организатор на PriFest International Film Festival) и Подгорица филм фестивал од Црна Гора (организатор на истоимениот фестивал).

Во текот на годинава во склоп на фестивалите на мрежата ќе се реализираат десет  креативни работилници за младите таленти од Западен Балкан на кои ги развиваат и снимаат своите први кратки или долгометражни филмови.

-Во тек е повикот за првата онлајн-работилница за развој на први филмови со експерти од платформата First Film First (www.firstfilmsfirst.com). Повикот е отворен до 15 мај за млади помеѓу 15 и 25 години, кои имаат идеја или сценарио за снимање краток филм. Работилницата ќе почне во втората половина на мај со повеќе учесници и ќе се реализира во пет работни дена во тек на две недели (според потребите и напредокот на проектите), соопшти Edu Cuts. 

На втората работилница во јуни ќе се квалификуваат најдобрите проекти од првата работилница, како и понапредни проекти кои се спремни за продукција и ќе може да се пријават дирекно за втората работилница. Двете работилници ќе се реализираат на зум-платформата.

-Може да се пријават средношколци, студенти од филмски и сродни факултети (филмска и телевизиска режија, продукција, камера, монтажа, сценарио/драматургија), инфлуенсери, професионалци, полупрофесионалци или аматери од Западен Балкан. Работилниците се бесплатни за сите учесници, а познавањето на англискиот јазик е задолжително, се наведува во соопштението.

Повеќе информации за работилниците и за начинот на пријавување се достапни на линкот

Учеството на работилниците вклучува едукација, интеракции со експерти и врсници од земјите од Западен Балкан кои споделуваат заеднички интереси во производството на видеосодржини со подготвеност за тимска работа под надзор на менторите.

Најдобрите три кратки филмски проекти како награда ќе добијат поддршка со бесплатно користење  опрема за снимање на филмовите (6K камера, објективи, тон и др.) . Проектот исто така предвидува и поддршка за мобилност при што на најмалку 20 млади филмаџии ќе им бидат покриени патните трошоци за да учествуваат на креативни работилници во други земји каде ќе ги прошируваат своите знаења и ќе ги развиваат нивните идни проекти. 

Мрежата Edu Cuts опфаќа филмски фестивали и организации кои се фокусирани на промоција и имплементација на едукација и мобилност на младите таленти. (www.educuts.com). хс/са/ 

Фото: Edu Cuts

 

Остани поврзан