Џиновски магнет како заштита на Земјата: Ново вселенско летало што би можело да ги одвраќa астероидите
- За целосно да се отклони конкретниот астероид, Клетечка пресмета дека ќе бидат потребни најмалку 170 дена континуирано работење.
Енкориџ, 7 април 2026 (МИА) - Нов концепт на вселенско летало наречено „НОВА“ (NOVA) би можел да спречи астероид да ја погоди планетата Земја со користење џиновски магнет што би ги привлекувал и постепено би ги менувал нивните патеки.
Хипотезата, наречена „НОВА“ или - „Безконтактно прилагодување на орбиталната брзина“ беше претставена на Конференцијата за месечево-планетарни науки во Тексас (САД) од страна на Гинтер Клетечка од Универзитетот „Фербанкс“ во Аљаска... Во своите пресметки, тој го применил концептот на астероид наречен „2024 Ипсилон-ер-4“ (2024 YR4), што накратко се чинеше дека е на пат да ја погоди Земјата или Месечината во 2032 година, иако натамошните набљудувања покажаа дека безбедно ќе помине крај нас. Астероидот е мал, со дијаметар помал од 70 метри, па затоа би бил релативно лесна цел за маневрирање - според научникот. Самото вселенско летало би се состоело од голем магнет направен од калем од суперспроводлива жица, со дијаметар од 20 метри, што би напојувал реактор за нуклеарна фисија. Мали засилувачи би можеле да ја контролираат неговата орбита околу астероидот, држејќи го на околу 10 до 15 метри од карпата, така што магнетот би можел да комуницира со железото во астероидот, објави „Њу сајентист“ (New Scientist).
Потенцијално опасните астероиди што ѝ се закануваат на нашата планета би можеле да се одвратат со џиновски магнет што ќе ги помести од нивната патека. Оваа замисла значи избегнување на традиционалниот замислен начин со кинетички удар, што вклучува удирање на астероидот за тој да се помести. Но, и новата замисла, треба да се истакне, сè уште не е тестирана, па не е сигурно дека би функционирала, според стручњаците.
Доколку астероидот го замислиме како големо парче железо, магнетот едноставно би можел да го отклони, но повеќето астероиди не се единечни, масивни карпи, туку агломерации од многу помали карпи, наречени „купови од урнатини“, коишто гравитацијата едвај ги држи заедно.
- Бидејќи ја имаме оваа структура слична на „куп урнатини“, со практично нулта кохезивна сила, не може ефикасно да го повлечеме целото тело, бидејќи тоа е како да туркаме еден брод меѓу многу бродови на океанот. Доколку се користат кинетички удари, тогаш ризикуваме да го распрснеме астероидот, а потоа да се справуваме со куп парчиња што ќе паѓаат на Земјата, забележа Клетечка во својата презентација.
Наместо тоа, вселенското летало „НОВА“ во орбитата полека би извлекувало камења од купот урнатини и би ги заробило во магнетна стапица во центарот на својата намотка. Секој собран фрагмент би ја зголемил и масата и магнетното поле на вселенското летало, што би го олеснило извлекувањето на следниот фрагмент. За целосно да се отклони конкретниот астероид, Клетечка пресмета дека ќе бидат потребни најмалку 170 дена континуирано работење.
- Ова електромагнетно отклонување е можно, но имаме критични неизвесности... Како прво, не знаеме точно колку железо има во „2024 Ипсилон-ер-4“, иако научните шпекулации засновани на споредби со други астероиди посочуваат дека би било доволно. И, второ, маневрирањето на вселенски брод толку блиску до астероид во толку долг временски период никогаш порано не е направено и би било тешко и неизвесно, додаде научникот.
Но, како што истакнува Клетечка, додавањето алатка на нашиот појас со алатки за планетарна одбрана можеби не е лошо, особено затоа што тоа во суштина нема да има никаков ризик од влошување на проблемот. си/сд/
Фото: МИА архива