• петок, 22 ноември 2024

Џафери: Професионалноста на Меџити и Алиу не е спорна, законски не може да има два опозициски субјекта во Владата

Џафери: Професионалноста на Меџити и Алиу не е спорна, законски не може да има два опозициски субјекта во Владата

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) - Според законот, не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу. Воопшто не станува збор за нивната стручност и професионалност кон што имам исклучителна почит, рече денеска техничкиот премиер Талат Џафери пред пратениците, образложувајќи го поднесеното барање за разрешување на овие двајца министри од Алијанса за Албанците (АА).

По кусото образложение на Џафери, се обрати и министерот Меџити, порачувајќи и на ДУИ дека „политиката е средство за помош на граѓаните и за подобрување на состојбите, а не средство за реализирање лични интереси“. Меџити ги повика пратениците уште еднаш да размислат пред да ја донесат одлуката за неговото разрешување.

-Сакам да напоменам дека предлогот за разрешување на министрите не се однесува на нивната професионална подготвеност за која имам посебна почит, туку, според законот, не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и тоа е основната причина зашто беше предложено разрешувањето. Овие двајца министри се изјаснија дека ќе го поддржат статусот на претседателот на партијата дека ќе делуваат како опозиција. Согласно Уставот, ова е мое право, а одлуката ја носи Парламенетот, истакна Џафери кој вчера го достави барањето за разрешување на двајцата министри.

Меџити повтори дека работел чесно и посветено. Се додека не се искорени политичкиот и личниот интерес, рече, оваа држава нема да напредува.

-Оставам на вашата совест, да размислите пред да донесете одлука за министер кој вложува и работи за доброто на сите. Покажав како треба да се работи, покажав како е да се бори еден министер за она што верува и сака да го спроведе. Не бегав од проблемите, туку влегував во оган за да ги решам прашањата од кои сите пред мене бегале и ги ставале „под тепих“. За ова сум горд и знам дека повторно ќе имам можност да продолжам каде што застанав. Се покажа дека не сите имаат иста цел како мене во Владата, се покажа дека ДУИ преку министрите до крај реши да политизира, да попречува и да блокира, реши до крај да оди против интересот на граѓаните и да го штити својот партиски интерес. Ова треба да им служи на чест, а граѓаните за неколку месеци на избори ќе го казнат ова деструктивно однесување. На функицонерите од СДСМ сакам да им порачам, размислете колку е пониживачки за вас да бидете неми набљудувачи на ова што го прави ДУИ против интересот на граѓаните. Немото соучесништо е најлошата форма на поддршка за ваквите постапки. Од утре натаму одговорете им на граѓаните зошто не се реализираат 1 117 вработувања за кои се борев, зошто се кочат катните гаражи со кои требаше да го средиме хаосот на Клинички центар, истакна Меџити во обраќањето.  

За збор по него се јави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој изрази изненадување што премиерот Џафери почнал, како што рече, да следи социјални мрежи.

-Во оваа Влада која се нарекува европски фронт, денес не се знае кој е луд, а кој збунет. Очигледно се работи за фронт на корупција и криминал. На првата кавга кога забележаа дека власта може да падне, стравот почна да ги разединува, истакна Милошоски.

Барањето за разрешување на Меџити и на Алиу доаѓа откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците (АА) Арбен Таравари, кој најави дека на избори ќе оди со албанската опозиција, додека крилото на АА предводено од Зијадин Села најави дека на изборите за пратеници на 8 мај, АА треба да настапува самостојно. 

На 143. седница на чиј дневен ред се разрешувањата на Фатмир Меџити и Азир Алиу, но и именувањата на Илир Демири и Наим Бајрами на нивно место во овие два ресора, има повеќе точки. Собранието пред да го усвои дневниот ред, ги поддржа владините предлози по скратена постапка да се донесат законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, измените и дополнувањата на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, дополнувањата на Законот за заштита на децата, изменувањето и дополнувањето на Законот за државното правобранителство, како и изменувањето и дополнувањето на Законот за социjалната заштита. Отфрлени беа и два предлога, на Халил Снопче од АА кој побара да се тргне од дневен ред Предлогот за измени и дополнувања на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, како и на Димитар Апасиев од Левица кој побара од дневниот ред да се тргне Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки. мч/аа/

фото: МИА и принт скрин

Остани поврзан