• петок, 08 ноември 2024

Џафери побара додека не се испита што се случувало на Комисијата за контрола на АНБ, таа да се одложи

Џафери побара додека не се испита што се случувало на Комисијата за контрола на АНБ, таа да се одложи
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска побара од претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Љупчо Пренџов да ја прекине комисиската работа „се додека не се истражи што се случувало на денешната седница на ова собраниско тело“. Според информации во медиумите, она што се зборувало на затворената седница на Комисијата, на која присуствуваше директорот на АНБ Виктор Димовски во врска со случајот Онишченко, одело тонски во живо на Јутјуб. Од Кабинетот на Џафери велат дека се додека не се истражи случајот, не можат да дадат никаква информација. Џафери на почетокот на седницата истакна дека нема да отстапи од своите надлежности за да испита до крај што се случува. - Одлука има на Комисијата работата да биде затворена. Од каде, како, што, тоа не е моја работа јас тоа да го испитувам. Има државни институции кои се надлежни тоа да го спроведат и сите надлежни институции се информирани и ќе бидат во Собрание тоа да го испитаат. Меѓутоа, тоа не е за телевизија, додека не се утврди што е што, рече Џафери. Тој нагласи дека немам што да крие од пратениците и од службата, посочувајќи дека ние сме членки на НАТО, претенденти да бидеме дел од ЕУ и сме цел на кибер напади и не треба да се случи тоа што се случило во соседството. - Јас и по функција превземам се што е можно во моја надлежност да нема упади како што имало во соседството, рече Џафери. Тој им се обрати на пратениците, потенцирајќи дека тие не треба да дозволат како членови на Комисијата да излегуваат од седницата доколку таа е затворена и од неа „не смее да излезе ништо“. Пратеникот Павле Трајанов од ДС побара седницата на Комисијата да не биде затворена поради важноста на прашањето за кое се дискутира. - Бевме информирани од новинарите дека е нарушена конспиративноста на седницата. Со оглед на тоа што може да е тоа дезинформација, барам да се испита целокупната оваа состојба, бидејќи е крајно неодговорно да ја држиме затворена седница за исклучително битни прашања, а преку стриминг наводно некој од новинарите ги слушале тие информации. Како претседател ве замолувам сепак ако не е точно тоа, бидејќи сите новинари се информирани, дел од нив ја следеле и седницата, но можно е да не е тоа точно, но битно е бидејќи тоа веќе отиде во јавноста, да преземете соодветни мерки за да се расчисти таа работа, рече Трајанов на почетокот на продолжението на пленарната седница. Џафери тогаш му одговори дека не е коректно да се изнесуваат на говорница работи за што се во тек испитувања. - Впрочем имате сертификат за класифицирани информации и додека не излезе куќата овде да каже што е што, не е коректно. Јас за мене не се лутам. Ова е прашање на државата, не е за мене како претседател на Собранието. Во крајна инстанца, правете што сакате. Ова што се случува е работа, одговорност и состојба на државата. Што сакате сега да ви кажам што сум превземал јас. Извинете не е коректна оваа работа. За ваше знаење пред да дојдете да кажете вие, превземено е се што треба да превземам јас како претседател на Собранието, ама тоа не е за медиуми. Тоа е истрага. Во истрага знаете дека не може да оди во јавност постапката што се спроведува, рече Џафери. Медиумите, според него, биле коректни што не излегле надвор од она што им е законска обврска дека не смеат да манипулираат со работи што се однесуваат на државни работи. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека е очигледно оти денеска има ситуација што треба да се истражи и за која треба да имаме конкретни информации што се случи. - Не го оправдувам реагирањето на колегите од власта, затоа што ова е проблем во оваа институција и е голем проблем доколку ова навистина се случило и во државата. Затоа претседателе ве охрабтувам и сигурно согласно вашите надлежности да преземете обврска да се направи целосна истрага за инцидентот, односно скандалот, доколку е случен на Комисијата која што се одржуваше денеска. Таа треба да биде зад затворени врати на која присуствуваат пратеници, кои имаат сертификати од одредено ниво и доколку навистина се случило вакво нешто навистина треба да има одговорност, рече Мицевски. Крајно време е, според него, да се направи таа затворена соба. Ваков скандал не треба да го коментираме од место, да реагираме на колегата Трајанов или пак да го премолчиме. Сите треба да работиме вакво нешто да превенираме затоа што многу често ни се случуваат пропусти во безбедносниот систем и во функционирањето на државата, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање денеска ја продолжи седницата за улогата на АНБ во давањето на македонско државјанство на Олександар Онишченко. На седницата денеска присуствуваше и директорот на АНБ. Виктор Димовски. ев/сп/

Остани поврзан