• петок, 28 јуни 2024

Џафери: Заштитата на човековите права како темел на демократијата е одговорност на секој поединец и институција

Џафери: Заштитата на човековите права како темел на демократијата е одговорност на секој поединец и институција

Скопје, 12 декември 2023 

Обраќање на претседателот на Собранието Талат Џафери на јубилејната 25-годишнина на институцијата Народен правобранител:

Дозволете ми од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име да ги поздравам присутните гости на овој свечен настан. Истовремено, да го честитам 25-годишниот јубилеј од основањето на институцијата на Народниот правобранител, како и 75-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за правата и слободите на човекот, со желби да дочекаме сите заедно уште многу идни јубилеи.

Почитувани,

Човековите права и слободи се принципи и стандарди врз кои е изградено минатото, се гради сегашноста и задолжително и иднината на човечката цивилизација. Токму затоа, секое општество и секоја држава која цели кон вистинска демократија во која владее правото, мора да ги штити, негува и надгради овие права.

Првично инициран од шведскиот парламент, како институција за заштита на граѓаните и нивните права, Омбудсманот, што всушност во слободен превод значи „лице за поплаки“, со право е вратата кон која се упатуваат сите оние на кои во еден миг од животот им е повредено некое право или им е одземено уживањето на истото од државата и државните институции.

Кај нас, институцијата Омбудсман станува дел од уставно-правниот систем пред дваесет и пет години и според Уставот и законот, не е дел ниту од извршната, ниту од законодавната, ниту од судската власт, што му обезбедува целосна независност ви-за-ви која било државна институција. И, можам со целосна искреност да кажам дека во овие дваесет и пет години на постоење и работа, Народниот правобранител се потврди како високо професионална и независна институција, која во својата работа поаѓа од принципите на еднаквост во заштитата на правата и слободите на граѓаните, без разлика на пол, боја, раса, вера, политичка припадност и слично и ова дава надеж.

Собранието, како институција во која се гласа Народниот правобранител, секоја година го разгледува и усвојува извештајот за работата на Народниот правобранител и преку извештаите, ние можеме да ја ориентираме работата и надзорната улога во заштитата и реализацијата на човековите права. Можам да кажам дека во овој период, Народниот правобранител станал видлив за јавноста и ја има здобиено довербата на граѓаните во заштитата на уставните и законските права, кога тие се повредени од органите на државната власт.

Дами и господа,

Човековите права и слободи се динамична категорија, но во исто време и многу ранлива категорија. Од ден на ден гледаме во што се претвора светот, луѓето, носителите на одлуки. И за жал, не се менува кон добро. Гледаме тотално поместување на хуманите вредности, непочитување на прифатените универзални права на живот, на слобода, на безбедност на децата, семејството. Непочитување и од потписниците на универзалните декларации. Независните институции што работат во насока на заштитата на човековите права исто така треба да се водат според Париските принципи. Потребно е морално будење, меѓу-човечка почит.

И, оваа битка не се води само од една институција!

Заштитата на човековите права како темел на демократијата е одговорност на секој поединец, на секоја институција. Треба сите заедно да работиме на подигнување на свеста уште од основната клетка - семејството, за градење на правични и хумани општества.

Благодарам на вниманието и ви посакувам натамошни успеси!

Собрание на Република Северна Македонија

_______________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан