• вторник, 16 јули 2024

Јуроп Хаус Скопје одбележува три години постоење

Јуроп Хаус Скопје одбележува три години постоење

Скопје, 4 ноември 2022 (МИА) - Јуроп Хаус Скопје денеска одбележува три години постоење. Како што соопшти Делегацијата на Европската комисија во Скопје, во таа прилика евроамбасадорот Дејвид Гир ги презентираше плановите за проширување на мрежата на Јуроп Хаус и во други градови.

- Пред три години, тогашниот претседател на Европскиот парламент Дејвид Сасоли (1956-2022), симболично им го предаде клучот од Јуроп Хаус Скопје на македонската младина. Јуроп Хаус го замени поранешниот Инфо центар на ЕУ со цел да им служи првенствено на младите и да функционира како младински центар. Денес, на третиот роденден, во Северна Македонија има три канцеларии на Јуроп Хаус – во Скопје, Крива Паланка и Струмица. А амбасадорот Гир на 4 ноември ги презентираше плановите за четири нови Јуроп Хаус – во Битола, Струга, Тетово и Велес. Овие нови „места на новата генерација“ ќе бидат отворени во текот на 2023 година, со што ќе се обезбеди избалансирано присуство, стои во соопштението на Делегацијата на ЕК.

Презентацијата, се посочува во соопштението беше направена пред градоначалниците и претставниците на соодветните општини и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. Дизајните направени за идните Јуроп Хаус се достапни во прилог.

-Роденденската програма на Јуроп Хаус Скопје ќе му оддаде почит на културното наследство на македонскиот сликар Лазар Личеноски (1901 – 1964). Отворен повик кој ги охрабрува младите уметници (18-35 години) да создадат продолжение на еволуцијата на човештвото претставено во мозаикот на отворено на Личеноски „Апотеоза на трудот“. Мозаикот всушност го величи трудот, кој е главниот елемент на 2023 година како Европска година на вештини, стои во соопштението.

Од Делегацијата на ЕК додаваат дека сите роденденски активности ќе се реализираат во партнерство со Националната галерија, при што некои од нив ќе се одржат во Куќата Музеј на Лазар Личеноски во Скопје, додека други вклучуваат повеќе активности.

Меѓу нив, посочуваат од Делегацијата на ЕК, се ликовна изложба на секакви уметнички дела создадени од студенти и професори од Факултетот за ликовни уметности како резултат на нивната инспирација од наследството на Личеноски. Уметничкото дело ќе биде достапно за јавноста преку социјалните мрежи. Натаму, ликовна работилница за деца во Јуроп Хаус Скопје, како и серија дебати за подигање на свеста дека културното наследство е и културна иднина. Првата ваква дебата, насловена „Размислете напред – затоа што културата е важна“ ќе и оддаде почит на Вјоса Бериша (1972 – 2022), поранешна директорка на Јуроп Хаус. нд/ац/

Остани поврзан