Јужна Кореја и Виетнам се договорија за поблиска соработка по царините на Трамп
- Јужна Кореја и Виетнам соопштија дека се согласиле на блиска соработка, по објавувањето на американските царини кои претставуваат голем предизвик и за економиите и за компаниите како „Самсунг Електроникс“ (Samsung Electronics) со големи инвестиции во Виетнам.

Сеул, 16 април 2025 (МИА) - Јужна Кореја и Виетнам соопштија дека се согласиле на блиска соработка, по објавувањето на американските царини кои претставуваат голем предизвик и за економиите и за компаниите како „Самсунг Електроникс“ (Samsung Electronics) со големи инвестиции во Виетнам.
Виетнамското Министерство за надворешни работи соопшти дека двете земји се обидуваат да ја зголемат билатералната трговија на 150 милијарди долари и да одржат таков трговски биланс.
„На мултилатерално ниво, двете страни се согласија да продолжат тесно да се координираат и меѓусебно да се поддржуваат во решавањето на меѓународните и регионалните прашања од заеднички интерес“, се вели во соопштението на виетнамското министерство.
Јужнокорејските компании, предводени од компании како „Самсунг Електроникс“, со години градат присуство во Виетнам бидејќи трошоците за производство во Кина се зголемија заедно со политичките ризици и конкуренцијата.
„Самсунг“ во Виетнам произведува повеќе од 60 отсто од своите телефони продадени ширум светот, а тоа сега е под закана од царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп. паг/
Фото: ЕПА