• петок, 05 декември 2025

Јубилеј на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – добар наставник е темел на квалитетното образование

Јубилеј на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – добар наставник е темел на квалитетното образование

Скопје, 4 декември 2025 (МИА) - Може да имате најдобри наставни програми и најсовремено опремени училници, но ако нема добар наставник што нив ќе ги оживее, нема квалитетно образование, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на свечената академија со која беа одбележани 30 години високообразовна дејност на Педагошкиoт факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје каде што студентите се подготвуваат за наставничката професија. 

Таа укажа на важноста на оваа институција, која корените ги има уште од 1947 со создавањето на Вишата педагошка школа и подоцна Педагошката академија, бидејќи ги школува првите учители на децата и токму во одделенската настава тие ја добиваат основата за учење, размислување, социјални и други вештини. 

-За такви наставници се потребни студиски програми кои одговараат на новата реалност во која живееме, обликувана од дигиталната трансформација и технолошките иновации. Реформирајте ги постоечките програми. Одборот за акредитација ќе ве поддржи, а тој за евалуација ќе ви помогне да ги согледате предизвиците ... Ние ќе продолжиме да ве поддржуваме. Заедничка цел ни е системско подобрување на предучилишното и основното образование. Министерството за образование и наука цврсто е решено да го врати дигнитетот на наставничката професија. Ги зголемивме платите на наставниците и тие и натаму ќе растат. Спроведуваме обуки за унапредување на нивните компетенции, за користење на современи дигитални алатки, вештачка интелигенција и за примена на нови педагошки методи. За да го поттикнеме запишувањето на студиските групи за наставен кадар, доделуваме стипендии, рече Јаневска, додавајќи дека во насока на потенцирање на улогата на наставниците е и тековната кампања на МОН „Магијата е во знаењето“.

На свечената академија и претходеше панел-дискусија „Од учење на факти до учење за живот“  посветена на промените во образованието кое учениците треба да ги подготви за читање со разбирање, критичко размислување и креативност наместо меморирање податоци. Јаневска кажа дека во тек се  реформи кои опфаќаат и промена на наставните програми и обуки за наставниците. За исполнување на оваа цел е и едносменската настава со која учениците повеќе време поминуваат на училиште, а наставниците имаат слобода со различни активности, вклучително и воннаставни, да им пренесуваат знаења и да ги учат на нови  вештини.

Деканката Билјана Камчевска изјави дека Педагошкиот факултет, на кој од 1995 година почнаа четиригодишни академски студии за идни наставници и воспитувачи во државата, во изминатите три децении веќе се етаблирал во „релевантна институција во образованието кое едуцира кадар за основното образование – одделенска настава и предучилишно воспитание и образование“.

-Нашата мисија е да подготвуваме што покомпетентн наставни кадри кои ќе можат да одговарат на општествените предизвици со кои секојдневно се судруваат, а такви се инклузијата, дигиталната технологија, функционалните знаења итн., така што нашите програми постојано се осовременуваат и се модернизираат, рече деканката Камчевска.

Посочи дека континуирано имаат мал раст во интересот за запишување на овие студии затоа што, рече, наставничката професија е интересна за матурантите и сакаат да се запишат на овој факултет. Во учебната 2025/2026 година се запишале околу 150 студенти.  За овие студии МОН ги стимулира младите со тоа што секоја година доделува стипендии. 

За своето  искуство од работата на панел-дискусијата зборуваше Весна Недановска, одделенски наставник. Таа го напуштила традиционалното предавање во кое ученикот е пасивен слушател кој само запаметува и репродуцира факти, за да се посвети на нови методи на работа. Како што рече, преодот што го направила од стариот во новиот начин на работа, бил еден од најзначајните чекори во нејзиниот професионален развој, тоа дало „нова димензија во нејзиното работење и подобри резултати кај учениците“. 

-Во  современата настава или учењето за живот, наставникот е модератор, ментор, фасилитатор и човек кој ги насочува и ги води учениците низ наставниот процес во чиј центар е ученикот. Во овој тип на настава доминираат современи методи, како што се истражувачките активности, работата на проекти, тимската работа и најчесто решавање проблеми од секојдневиот живот. И оттука, учениците преку вакви процеси градат критичко размислување, емпатија, соработка, се вклучуваат во тимска работа и, што е најбитно, стекнуваат вештини и компетенции неопходни за живот во 21 век, рече Недановска. хс/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан