• понеделник, 23 декември 2024

ЈПДП: Создаваме услови за побезбедни и посигурни патишта на начин што ја подигаме институционалната соработка на повисоко ниво за справување со проблемите

ЈПДП: Создаваме услови за побезбедни и посигурни патишта на начин што ја подигаме институционалната соработка на повисоко ниво за справување со проблемите

Скопје, 16 август 2024

На иницијатива на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), а со цел за поголема безбедност во сообраќајот и поефикасно одржување на магистралните и регионалните патишта се одржа координативен состанок на кој свое учество земаа претставници од Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторатот за транспорт, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, како и претставници на ЈПДП.

Директорот на ЈПДП Коце Трајановски отворајќи го состанокот им заблагодари на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, како и на началничката на Секторот за сообраќајни работи м-р Маја Арсовска Манов што со своето присуство ги поддржуваат напорите на новото раководство во насока на зголемување на безбедноста на патиштата и решавањето на проблемите.

Во конструктивен разговор на состанокот директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев посочи дека се детектирани одредени пропусти и проблеми во однос на безбедноста на патиштата кои најмногу се однесуваат на времениот режим кој понекогаш трае предолго, на времената сообраќајна сигнализација и сл. и во насока на нивно поефикасно решавање побара од ЈПДП на месечно ниво да организира средби од ваков тип заради размена на информации и решавање на проблемите. Исто така, тој нагласи дека:„Недопустливо е заради лоши патишта, лоша сигнализација и слични нерешени проблеми странците да го избегнуваат Коридорот 10 и да одбираат рути со кои се избегнува транзитирањето низ нашата држава. Затоа барам од сите поголема дисциплина и посветеност со цел поголема безбедност на патиштата.“

Началничката на Секторот за сообраќајни работи м-р Маја Арсовска Манов рече дека и досега сите задачи кои што се однесуваат во делот на сообраќајните работи ги извршувале посветено, но дека секогаш може да се изнајдат и подобри и поефикасни решенија и дека ќе бидат во постојан контакт со ЈПДП за дефинирање на проблемите и нивно решавање.

Едно од погорливите прашања кое создава безбедносни проблеми и проблеми во протокот на сообраќајот е на пример семафорот кај село Здуње, Гостиварско за што според присутните е потребно посеопфатно решение од времен карактер со оглед на фактот што трајното решение на овој проблем е опфатено со изградбата на Коридорот 8. Сепак, ЈПДП изминатиов период од еден месец наназад работеше на планот на зголемување на протокот на сообраќај на оваа слаба точка за што беше изработена нова сообраќајна програма која го намали застојот и подобри сообраќајот.

Претставникот од Државниот инспекторат за транспорт посочи на проблемот со оштетувањето на заштитната мрежа на патиштата што директно влијае на безбедноста на патиштата, како и на немањето на патен катастар. Беше договорено во иднина инспекторатот да прави почести контроли и да ги доставува до ЈПДП со цел да се преземаат мерки за решавање на затекнатите нерегуларности од страна на инспекторите.

Во таа насока, директорот на ЈПДП Коце Трајановски посочи дека децении наназад не се одвојувало доволно ниту за одржување на патиштата и додаде:„Светска банка повеќепати укажувала дека од средствата кои тие ни ги доделуваат за изградба на патишта треба поголем процент од нив да се издвојуваат за одржување на патот што ќе се изгради. Оваа генерална политика треба да ја смениме. За да имаме безбедни патишта треба да ги одржуваме, а за тоа е задолжено ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта кое мора и треба да го заживееме ако сакаме да имаме одржани и безбедни патишта.“

Трајановски посочи дека немаме ниту Стратегија за развој на патишта која е задолжителен документ ако сакаме планска изградба и редовно и правилно одржување на веќе изградените патишта.

На координативната средба се разговараше и за други прашања кои ја засегаат безбедноста на сообраќајот како што се дивите продавачи на автопатиштата за што ЈПДП побара од МВР поревносно да ги отстранува. Потоа се отвори и прашањето за таканаречените неплаќачи на патарина кои не само што го оштетуваат буџетот бидејќи се работи за бројка од околу 500 илјади ненаплатени сметки, туку влијаат и на безбедноста на протокот на сообраќај кај наплатните станици. Во таа насока ЈПДП побара во блиска иднина МВР и Инспекторатот поревносно да вршат контроли во делот дали учесниците во сообраќајот извршиле наплата на патарина и доколку не да бидат казнети согласно со прописите. Воедно беше потенцирано дека и ЈПДП ќе преземе поактивни мерки за намалување на бројот на возила кои избегнуваат плаќање на патарина со процесирање, односно достава на фактури за ненаплатена патарина до корисниците на автопатски услуги кои не плаќаат патарина.

На состанокот се донесоа неколку заклучоци меѓу кои и тоа дека Секторот за сообраќај на МВР да достави сеопфатен извештај за состојбата на магистралните и регионалните патишта, сообраќајната сигнализација, одржувањето и сл., и дека вакви состаноци ќе се одржуваат еднаш месечно со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП)

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ЈПДП

Остани поврзан