• понеделник, 23 декември 2024

ЈО нареди истражна постапка против лице од Скопје, осомничено дека го предизвикало пожарот во Градскиот пазар во Охрид

ЈО нареди истражна постапка против лице од Скопје, осомничено дека го предизвикало пожарот во Градскиот пазар во Охрид

Охрид, 17 март 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство во Охрид издаде наредба за спроведување истражна постапка против 19-годишник од Скопје, за кој постои основано сомневање дека е подметнувач на пожарот во кој целосно изгоре угостителски објект во Градскиот пазар во Охрид.

Според Обвинителството, осомничениот заедно со уште едно непознато лице на 10 март во раните утрински часови отишле кај угостителскиот објект сместен во приземјето на зградата на Градскиот пазар во Охрид на булеварот „Туристичка“, и фрлиле запаливо средство врз објектот.

Со тоа тој сторил кривично дело – „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Во пожарот целосно е уништен угостителскиот објект, а зафатени се и внатрешноста и надворешноста од деловната зграда на ЈП „Градски пазар“ и околните деловни простории каде што во тој миг имало луѓе, со што двајцата предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и поголема имотна штета.​

Против лицето за кое е отворена истражна постапка Обвинителството до Основниот суд Охрид поднесе предлог за определување мерка притвор, со образложение дека постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство доколку осомничениот се најде на слобода и околности кои укажуваат дека тој ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците.

Инаку, претходно беше соопштено дека односниот објект е сопственост на државниот правобранител Агрон Речи. аб/аа/

фото/МИА

Остани поврзан