• сабота, 21 декември 2024

Јаневска: Францускиот јазик е дел од нашата историја, но исто така и нераскинлив дел од нашата европска иднина

Јаневска: Францускиот јазик е дел од нашата историја, но исто така и нераскинлив дел од нашата европска иднина

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во име на Министерството и францускиот амбасадор, Кристоф Ле Риголер во име на Амбасадата на Република Франција, денеска потпишаа Анекс на меморандумот за соработка, со кој дополнително ќе се поттикне изучувањето на францускиот јазик во нашиот образовен систем.

Пред потпишувањето на меморандумот, Јаневска изјави дека во Анексот се наведени 25 училишта во целата држава каде ќе се одвиваат средби за презентација на францускиот јазик кај родителите. како и часови за учениците, насочени кон откривање на можностите што ги нуди изучувањето на францускиот јазик.

- Исклучително е значајно учениците да бидат мултијазични, но и да се запознават со различни култури и да ги шират сопствените видици. Дополнително сметам дека е од исклучителна корист учеството во Франкофонијата на Република Македонија, затоа што тоа е можност и за афирмација на нашата култура, нашиот идентитет и нашиот јазик. Македонија и Франција се две европски држави со заеднички стремеж кон јакнење на меѓусебна соработка, што континуирано се продлабочува во сите сфери од заемен интерес, рече Јаневска.

Таа додаде дека присуството на францускиот јазик кај нас, како и членството на нашата држава во Меѓуанродната организација на Франкофонијата го гледа како можност за афирмација на македонскиот идентитет, јазик, историја и богато културно наследство, како и на сите вредности на современото македонско општество, мирот, демократијата, толеранцијата и солидарноста.

-Ова е во интерес на подигнувањето на квалитетот на националниот образовен систем и посакувам овој успех да се остваари. Да ги подготвиме младите со знаење и вештини, кои ќе одговорат на идните потреби, кои и покрај технолошкиот напредок, вклучуваат знаење на странски јзации како алатка, која се поврзува со многу култури, перспективи и можности. МОН како креатор на политики ја промовира посветеноста на јазична различност, а францускиот јзаик се изучува во основното, средното и високото образование, рече министерката.

Како резултат на соработката со амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, со Меѓународната организација на Франкофонија и со Регионалното биро за централна и источна Европа, веќе четврт век се организира Летниот регионален семинар во Струга, педагошка обука која обединува на едно место професори по француски јазик од повеќе земји во регионот. Професори по француски јазик и професори кои предаваат други наставни предмети на француски јазик, можат да учествуваат и на летни обуки во Франција.

Министерката Јаневска нагласи дека секогаш е можно постојната соработка да се издигне на уште повисоко ниво, па затоа и во иднина двете страни ќе разговараат за нови заеднички иницијативи.

Францускиот амбасадор, Кристоф Ле Риголер изјави дека потпишување на Меморандумот е доказ дека соработката меѓу македонските образовни институции и Француската амбасада се продлабочува, со цел промовирање и афирмација на францускиот јазик во македонскиот образовен систем.

-Да им се заблагодариме на сите професори коишто помагаат во промовирањето на францускиот јазик и изучувањето на францускиот јазик во училиштата. Но, исто така, ова е одличен доказ дека соработката се повеќе се продлабочува меѓу МОН и македонските образовни институции, заедно со Француската амбасада и со Францускиот институс во Скопје, а се со една поголема цел - промовирање и афирмација на францускиот јазик во македонскиот образовен систем, рече амбасадорот. бт/ац/

Фото: МОН

Остани поврзан