Нема да има пролетен распуст за учениците
- Според неа, граѓаните ги кажале нивните потреби.
Скопје, 8 август 2024 (МИА) - Министерката за образование Весна Јаневска денеска изјави дека нема да има пролетен распуст за учениците и оти учебната година ќе заврши на 10 јуни, освен за матурантите.
-Нема да има пролетен распуст. Финалните анкети на родителите покажаа дека тие не сакаат, но и на повозрасните ученици, исто така, така што оваа година, пролетен распуст нема да има, изјави Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во активностите за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во село Булачани.
Таа истакна дека го слушнале гласот на граѓаните и оти на самиот почеток ветиле транспарентност.
- Ние каков власт рековме дека ќе бидеме транспарентни и еве тоа го спроведуваме и им овозможуваме, според нивните потреби, да го спроведуваме образовниот процес. Ако тие сметаат дека ниту на децата, ниту на родителите, им одговара таков пролетен распуст, децата губеле континуитет, родителите нема каде да ги остават помалите дечиња, не им се поклопува со одредени празници за да можат заеднички да ги искористат, сметаат дека е повеќе компликација отколку поволност и во тој правец, ние одлучивме оваа година да се одвива учебната година од 2 септември до 10 јуни за сите, освен матурантите, појасни министерката.
Претходната власт донесе одлука основците и средношколците да користат пролетен распуст од 29 април до 6 мај, при што учебната година за основците заврши на 17 јуни. бд/нд/
Фото: МИА архива