• сабота, 13 април 2024

Јавниот обвинител Петрески назначен за следење на предметите поврзани со безбедност на новинарите на регионална конференција во Белград

Јавниот обвинител Петрески назначен за следење на предметите поврзани со безбедност на новинарите на регионална конференција во Белград

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - На регионалната конференција „Нова борбена линија: Соработка за унапредување на безбедноста на новинарите во Југоисточна Европа“, што се одржува денеска во Белград, во организација на ОБСЕ и под покровителство на Европската унија, учествува јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје Дејан Петрески.

Петрески, кој од неодамна е назначен за јавен обвинител задолжен да ги следи предметите поврзани со безбедноста на новинарите во Скопското обвинителство, како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, говорел на панел-сесијата за предизвиците со кои се соочуваат истражните органи при истражувањето на кривичните дела против новинари.

Притоа, тој го презентирал искуството на јавното обвинителство со назначување на посебни јавни обвинители кои го следат постапувањето во ваквите предмети во обвинителствата во Скопје, Битола, Штип и Тетово, што веќе резултира со олеснето регистрирање и поголема ефикасност на кривичниот прогон за напади врз новинари. Исто така, се додава во соопштението, биле споменати и измените во Кривичниот законик со кои нападот врз новинари доби третман на напад врз службено лице, како и предизвиците со кои се соочуваат обвинителите при обезбедувањето докази за вакви кривични дела.

- Од вкупно седум предмети во кои како оштетени лица се јавуваат новинари или медиумски работници евидентирани во земјава во 2023 година, во четири предмети веќе е целосно спроведена постапка и изречена пресуда против сторителите на кривичните дела. Останатите три предмети се во фаза на проверка на наводите и прибирање на податоци за идентификација на сторители. Од почетокот на годинава евидентиран е еден предмет во ОЈО Тетово во кој веќе се постапува, стои во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. цр/бак/

Фото: Јавно обвинителство на Република Северна Македонија

Остани поврзан