• петок, 05 декември 2025

Штипските извидници од одредот „Еквинокс“ почнаа донаторска кампања за реновирање на новите простории

Штипските извидници од одредот „Еквинокс“ почнаа донаторска кампања за реновирање на новите простории

Штип, 4 декември 2025 (МИА) – Извидниците од Извидничкиот одред „Еквинокс“ од Штип почнаа со реновирање на нивното извидничко домче, кое се наоѓа во кругот на Дом на млади. Извидниците на социјалните мрежи веќе почнаа со донаторска кампања „Потребни сте ни повеќе од било кога“. За да ги реновираат просториите во кои ќе се сместат и ќе добијат свое катче за активностите потребни им се 15 000 евра.

Собраните средства ќе бидат наменети за градежни зафати, набавка на материјали и уредување, со цел просториите во кои се собираат младите волонтери бидат безбедни и функционални. За околу 100 членови на извидничкиот одред, овој простор ќе претставува втор дом, тие преку активностите и акциите кои ги имаат на терен волонтерски учествуваат во акциите во пошумување, чистење на излетнички места, езера, реки, а младите се учат на моралните и етичките вредности.

-Оваа кампања е креирана за собирање на 15 000 евра, но ние би биле среќни и задоволни доколку се јават компании, кои би донирале и градежни материјали, еве ова нека биде еден апел до сите заинтересирани фирми и индивидуални лица да помогнат и пружат своја поддршка и преку градежни матрејали, вели Дарко Тошиќ.

Европската извидничка организација и Општина Штип во текот на летните месеци им помогнале да извршат реконструкција на покривот и замена на вратите и прозорците. Мелани Панева вели дека за нив овој објект кој  го нарекуваат „извидничко домче“ е место каде созреваат. Најмладиот член има шест години, а највозрасниот 86 години.

-Топлината што сме ја чувствале порано ќе биде на едно многу поголемо ниво. Ќе се стават нови врати, прозорци, а сега од летотот имаме и нов покрив. Мислам дека и повеќе време ќе поминуваме овде и со помалите и со постарите и многу повеќе ќе се зближиме и како одред ќе растеме многу повеќе, вели Панева.

Извидниците во моментов состаноците ги одржуваат каде можат, односно пријателски граѓански организации им го отстапуваат просторот. Порачаа дека секоја донација без разлика дали е финансиска или во градежен матрејал  ќе помогне нивниот извиднички дом да стане пристојно место каде младите ќе растат, учат и се градат во добри личности.

Линк за донациите за реконструкција на Извидничкиот одред „Еквинокс“ во Штип има на нивните профили на социјалните мрежи. вдј/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан