• понеделник, 23 декември 2024

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ продолжува да се дигитализира

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ продолжува да се дигитализира

Штип, 27 декември 2023 (МИА) - Проректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, Мишко Џидров денеска потпиша документ со заложби со две организации кои се залагаат за поголема дигитализација на високото образование. Станува збор за платформата DigiU, која изминатиот период иницираше низа дебати во високообразовните институции во Македонија, со цел да се забрза процесот на дигитализација на високото образование. 

- Нашата стратешка цел и целта на организациите позади платформата DigiU се поклопуваат и сфаќаме дека на УГД е направено доволно, но мора да размислуваме и за иднината. Нашата визија е преточена во еден документ кој го потпишуваме денес, а овој документ опфаќа стратешка заложба за организирање на различни активности во рамките на УГД, како што се различни обуки, збогатување на дигитални вештини, како и споделување на нашето искуство во однос на дигитализацијата, вели Џидров. 

Во рамките на дебатата, која денес се одржа на УГД во Штип, од страна на комуникологот, Боја Кордалов беше истакнато дека политичарите на локално и централно ниво мора да најдат волја да имплементираат дигитализација во законите и владеењето со цел побрза трансформација. 

-Успеавме заеднички да ја наметнеме темата во јавноста и кај државните и јавните институции. Во собранието се иницираше промена на закони. Само со заедничка битка можеме да поттикнеме нешто. Во Македонија многу се збори за гола политика, а малку се прави за реалните проблеми на луѓето. Дигитализацијата е не трчање по шалтери, не трчање по документи што можат да се извадат онлајн. Ова е потреба по поквалитетен живот и еден од начините како да ги задржиме младите во земјата, истакна Кордалов, претседател на ИДУЕП, како дел од платформата #DigiU.

Според членовите на платформата DigiU, штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“-Штип  е добар пример во однос на дигитализацијата кој треба да го следат другите универзитети, со цел оваа трансформација да оди побрзо. 

Бленди Ходаи директор на Форум за образовани програми рече дека една од причините што денес се потпишува  документ за заложби со УГД е токму поради тоа што тие сметаат дека УГД е еден пример кој другите државни универзитети треба да го следат. 

-Исто така да земат добри работи од менаџментот што има направено, со цел да ги дигитализираат нивните универзитети. Ова е за добро и за жал во нашата култура е што ние не сакаме да имаме кооперативна соработка меѓу универзитетите. Секој мисли дека е по важен и по добар од другиот. Ако сакаме да ги смениме работите во образованието во делот на дигиталзирањето на услугите и учењето, задолжително е да се воспостави соработка меѓу државните универзитети, и да се споделат сите добри практики што и УГД ги има со цел да се дигитализира, рече Ходаи. вдј/сст/

Фото: МИА 

Остани поврзан