Штериев: Војната во Украина ги затекна инвеститорите на берзите
- Војната во Украина ги затекна инвеститорите на меѓународните берзи, а психолошката корелација се преслика и на нашата берза, порача денеска Иван Штериев, извршниот директор на Македонска берз
Скопје, 8 март 2022 (МИА) – Војната во Украина ги затекна инвеститорите на меѓународните берзи, а психолошката корелација се преслика и на нашата берза, порача денеска Иван Штериев, извршниот директор на Македонска берза АД Скопје.
-Историски гледано инвеститорите во минатото многу ретко предвидувале дека ќе дојде до некакви воени конфликти. Веројатно причина за тоа е што инвеститорите генерално се рационални луѓе кои се ориентирани во економската сфера, да се направат некакви заработки и не веруваат дека некој ќе генерира вакви воени конфликти. Оттука, украинскиот конфликт дефинитивно ги затекна инвеститорите на светските берзи, а корелација постои и со нашата берза, изјави Штериев во одговор на новинарско прашање на настанот „Да заѕвониме за полова рамноправност“ што Македонска берза го реализира во рамките на Иницијативата на Светската федерација на берзи.
Како што истакна тргувањето на берзите и глобално и регионално, но и локално оваа година се одвива во доста комплексни и сензитивни околности, со специфично опкружување.
-Тоа е предизвикано од низа економски, но и од политички фактори. Економските фактори беа за очекување, имаше различни прогнози што ќе се случува со инфлацијата, што ќе се случува со каматните стапки, каков ќе биде економскиот раст, но она што изненади се неекономските фактори. Во неекономските фактори се очекуваше како ќе влијае натамошниот тек на пандемијата, но она што ги затекна инвеститорите и на меѓународните берзи, а постои голема, јас би рекол, психолошка корелација и на нашата берза со тоа што се случува на надворешните берзи е токму војната во Украина, потенцира Штериев.
Тоа, посочи, после повеќегодишниот раст на цените на светските берзи предизвика оваа година да има двоцифрени падови на најголемите берзи како што се ДАКС или ДАУЏОНС.
-Во регионов падот на нашата берза е некаде минус 5 проценти, во Бугарија, Хрватска, Словенија со минус 6, минус 7, минус 11. Значи сите берзи реагираа на неекономски фактор - воен конфликт, кој е најтешко предвидлив што ќе се случува, а тргувањето со акции е фактички денешна проценка на инвеститорите каков „кеш флоу“ ќе имаат компаниите во иднина. Во вакви услови е нормално инвеститорите секаде и во странство и кај нас да бидат попретпазливи, некои од нив да продаваат иако не планирале да продаваат итн, рече Штериев.
Помалиот пад на Македонската берза, како што кажа, се должи на фактот што кај помалите берзи е вообичаено постоење на т.н. статички ценовни лимити.
-Кај нас цените на ниво на ден не можат да флуктуираат повеќе од плус/минус 10 проценти. Кај поголемите берзи такви ограничувања нема, па можете да видите и на берзи и во Америка, во Германија дневни падови минус 15, минус 20. Кај нас е тоа лимитирано на плус/минус 10. Покрај тоа, во пандемијата воведовме и едно ново правило што го има на повеќето западни берзи, а тоа е да има автоматски стабилизатори. На плус или минус 7 времено се прекинува тргувањето за 30 или за 60 минути зависи од некои технички детали и целта на тоа не е да се прекине тргувањето, туку на некој начин малку да се оладат емоциите за сите инвеститори и брокери во тие такви турбулентни денови малку да земат здив, размислат и изанализираат, појасни Штериев.
Потенцира дека тешко може да се предвиди колку ќе трае воениот конфликт, но додаде дека и во вакви услови има можност за добро пласирање на акциите и, како што рече, внимателни и паметни инвеститори можат да најдат добра можност за инвестирање.
-Дали овој негативен геополитички настан ќе трае недели или ќе трае подолго време ќе видиме. Битно е што и во вакви ситуации акциите се добар избор за пласирање на средствата доколку внимателно се одбере индустријата во која работи некоја компанија. На светските пазари последниве денови постои некој консензус дека постојат дејности коишто можат да донесат профит, ако вложувате во акции на производители на разни суровини или на некои што се бават со „сајбер протекшн“ или можеби во некакви прехранбени производи, истакна Штериев.
За зголемувањето на цените на нафтените деривати рече дека осцилаторно ќе влијае на класичните компании од нафтената индустрија, но сепак посочи дека тоа ќе значи и можност за инвестирање и во компании што се поврзани со нафтениот сектор. вј/ац/