„Шпигел“: Распадот на коалицијата во Германија ќе ја загрози испораката на дронови во Украина
- По распадот на владејачката коалиција во Германија, можно е одложување на одлуката за натамошна испорака на оружје за Украина, особено во снабдувањето со беспилотни летала, објавија денеска германските медиуми.
Берлин, 15 ноември 2024 (МИА) - По распадот на владејачката коалиција во Германија, можно е одложување на одлуката за натамошни испораки на оружје за Украина, особено во снабдувањето со беспилотни летала, објавија денеска германските медиуми.
Станува збор конкретно за одложување на испораката на 812 извидувачки беспилотни летала на компанијата „Квантум“, вредни 153 милиони евра, објави „Шпигел“, пренесе Униан.
Весникот наведува дека, пред распадот на коалицијата, германскиот канцелар Олаф Шолц разговарал за прашањето за доделување дополнителни три милијарди евра за воена поддршка на Украина.
Оваа година германската влада веќе испрати оружје во вредност од речиси осум милијарди евра во Украина, но буџетот за овие трошоци е исцрпен.
Истовремено, Украина инсистира на донесување одлуки за понатамошна испорака на оружје, пред вонредните парламентарни избори во Германија.
Мора да се направи сè за да се обезбеди непречено спроведување на планираните налози и финансирање на дополнителна помош во новата година“, рече украинскиот амбасадор Алексеј Макеев во интервју за „Шпигел“.
Германија годинава веќе испорача 348 извидувачки беспилотни летала „Вектор“, од компанијата „Квантум“ во Украина, а до крајот на годината на фронтот треба да пристигне уште еден пакет од 127 беспилотни летала.
Планирана е и испорака на до 4.000 борбени дронови од друг германски производител, но Украина засега се воздржува од откривање детали за типот на овие дронови. рп/
Фото: МИА архива