• понеделник, 25 ноември 2024

Шмит: Додик да не мисли дека народот на РС го поддржува

Шмит: Додик да не мисли дека народот на РС го поддржува

Бања Лука, 15 септември 2023 (МИА) - Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, денеска изјави дека има алатки да го смени претседателот на Република Српска, Милорад Додик, но оти смета дека најдобро за БиХ е општеството таму да си ги решава проблемите.

-Наспроти тврдењата на Додик за мојата колонијална администрација, би бил среќен да не морам да носам одлуки. И нека не биде убеден дека ќе се крие зад народот или дека народот на РС го поддржува.. Ако се потсетиме на 2 октомври (минатогодишните општи избори во Босна и Херцеговина), резултатите за претседател на РС беа многу дискутабилни, за нив многу се зборува, рече Шмит во интервју за сараевски „Аваз“, пренесе Бета.

Шмит, коментирајќи го отвореното писмо упатено до него од Додик, со низа обвинувања против него и оспорување на легитимитетот на високиот претставник во Босна и Херцеговина, бидејќи неговото назначување не било потврдено од Советот за безбедност на ОН, оцени дека „содржината на писмото на Додик е под секое ниво и не е достоен за некој што има политичка одговорност“.

На прашањето зошто не отиде во Бања Лука во понеделникот, како што беше најавено, високиот претставник во БиХ одговори дека „не може и нема јавно да ги презентира сите информации што ги има, но дека има причини“.

Тој додаде дека секако ќе оди во Република Српска кога ќе посака, бидејќи, како што нагласи, „тоа е Босна и Херцеговина и затоа што нема граница меѓу субјектите, туку само административна линија“.

Коментирајќи го фактот дека и опозицијата во РС одби да се сретне со него, Шмит изјави дека „има разбирање за опозицијата“ бидејќи „не е лесно да се биде опозиција во РС“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан