Шестчленото семејство Грозданови од селото Нивичани згрижено во стан во социјалната зграда во Кочани
- Шестчленото семејство Грозданови од кочанското село Нивичани денеска се всели во двособен стан во социјалната зграда во Кочани, што го доби од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП). Со тоа е решен неколкугодишниот проблем со сместувањето на четирите малолетни дечиња и нивните родители Даниел и Викторија кои живееја во една соба, без струја и храна, во трошна куќарка оддалечена десетина километри од градот.
Кочани, 12 март 2024 (МИА) – Шестчленото семејство Грозданови од кочанското село Нивичани денеска се всели во двособен стан во социјалната зграда во Кочани, што го доби од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП). Со тоа е решен неколкугодишниот проблем со сместувањето на четирите малолетни дечиња и нивните родители Даниел и Викторија кои живееја во една соба, без струја и храна, во трошна куќарка оддалечена десетина километри од градот.
На вселувањето во новиот дом присуствуваа министерот за транспорт и врски во техничката Влада, Благој Бочварски и директорот на АДИССДП, Зоран Ѓоргијев, при што беше истакнато дека станот е со површина од педесетина квадратни метри и ќе овозможи соодветни услови за живеење на младото семејство.
-По добивањето на информацијата од мојот кабинет и по емитувањето емисија на една телевизија за ова семејство, пристапивме брзо кон разрешување на оваа ситуација. Во јануари станот беше доделен од Комисијата за станбени прашања на Владата на семејството на кое навистина беше потребно да му се излезе пресрет и да се подаде рака. Сите институции кои беа вклучени во оваа акција, заедно со Црвен крст и новинарите кои ја направија таа сторија, ни помогнаа брзо да реагираме. Посакувам семејството на Даниел да ужива во подобрите услови за живот, а ние стоиме на располагање да помогнеме во рамки на нашите надлежности, истакна министерот Бочварски.
Наскоро ќе почне распределбата на становите и во третата социјална зграда во Кочани, како и во објектот во Велес. Во изминатите четири години изградени се социјални згради и во Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гевгелија, Неготино, Демир Капија, Струмица, Гостивар и Македонски Брод.
Од АДИССДП нагласија дека со забрзана динамика продолжува изградбата на колективни станбени згради за семејствата во социјален ризик во неколку други градови во државата.
-Во завршна фаза е изградбата на социјални згради во Дебар и во скопската населба Бутел, се градат во Прилеп и Сарај, а наскоро ќе почне постапката за избор на изведувач на зградата во Штип. Објектот ќе биде на 2.900 квадратни метри со педесетина станбени едници, а исто таква ќе биде и зградата во Прилеп. Изградбата треба да биде отворена до крајот на оваа година, а рокот за завршување е 24 месеци, истакна директорот на АДИССДП, Зоран Ѓоргијев. та/дма/
Фото: МИА