• понеделник, 04 ноември 2024

Швајцарска вечер на „Охридско лето“ со уметниците Ботвинов, Борен и Деменга

Швајцарска вечер на „Охридско лето“ со уметниците Ботвинов, Борен и Деменга

Охрид, 10 август 2024 (МИА) – Триесетата вечер од годинешната програма на Фестивалот „Охридско лето“ е резервирана за камерното трио од Швајцарија, со уметниците Алексеј Ботвинов на пијано, Себастиан Борен на виолина и Патрик Деменга на виолончело.

Алексеј Ботвинов е исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент. Тој е еден од најзначајните украински пијанисти и се смета за еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Ботвинов, истовремено е и единствениот пијанист во светот кој на сцена ги има изведено „Голдберг варијации“ на Бах повеќе од триста пати.

Ботвинов настапувал во повеќе од 46 земји ширум светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други.

Во ноември 2015 година, Ботвинов е прогласен за Народен уметник на Украина – највисоко уметничко признание во Украина, а истата година го основа Меѓународниот фестивал „Одеса класикс“ чиј претседател и уметнички директор е токму тој. Од неговото основање,  па до денес, фестивалот има сензационален успех и станува еден од најзначајните фестивали во Украина, и еден од водечките фестивали во Европа.

Во 2020 година Алексеј Ботвинов е одликуван со орденот „Ѕвезда на Италија“ со одлука на Претседателот на Италија, а истата година ја добива и наградата „Вилијам Тел“ која му ја доделува Швајцарската влада.  Во 2021 година Ботвинов започнува соработка со виолинистот Даниел Хоуп со кој сними ЦД за продукциската куќа „Дојче Грамофон“ со музика на Алфред Шнитке. По успехот на ова издание, овие двајца уметници повторно соработуваат во 2022 година снимајќи ЦД во добротворни цели со наслов „Музика за Украина“, а подоцна, истата година снимаат и издание посветено на музиката на украинскиот композитор Валентин Силвестров. Последното снимено издание на Ботвинов  ги содржи третиот концерт на Филип Глас и Двојниот концерт на композиторот Тан Дун.

Себастиан  Борен е виолинист кој внимателно му приоѓа на репертоарот избирајќи најчесто интерпретации на дела од класичната и романтична ера, дела од ХХ век и нови, современи композиции. Во 2022 година Швајцарската фондација на школите за виолина му ја додели наградата „Златно гудало“, а германскиот печат го опишува како „ еден од најсериозните, директни музичари на неговата  генерација“. Настапува во неговата родна Швајцарија со симфониските оркестри во Базел и Луцерн, со оркестарот „Свицера-Италијана“, Музик колегиум Винтертур, Филхармонијата Арговија, Камерните оркестри од Цирих и Базел, Фестивалскиот гудачки оркестар од Луцерн, а интернационално настапува со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул, Државната капела на Санкт Петерсбург, Камерниот оркестар „Анима музика“, Симфонискиот оркестар на Солун, Камерните оркестри од Минхен, Келн и Штутгарт, оркестрите од Хајлброн и Гетинген, Романскиот камерен оркестар, оркестарот во Падова и др.

Посветен на камерната музика, Борен настапува со виолинистите Даниел Хоуп,  Хансхајнц  Шнебергер и Дмитри Ситковетски,  пијанистот Андреас Хефлигер, виолистот Антоан Таместит, виолончелистите Томас и Патрик Деменга, Анастасија Кобекина, Кристијан Полтера и со кларинетистот Рето Биери. Себастиан Борен е уметнички раководител на фестивалот „Стрета концертс“ и на фестивалот во Бруг, Швајцарија. Свири на инструмент изработен во 1761 година од Џовани Батиста Гуадагини со име „ Екс -Ванамејкер-Харт“.

Роден во 1962 година, Патрик Деменга  студира на конзерваториумите во Берн и во Келн со Борис Пергаменшчиков, и со Харви Шапиро во Њујорк.  Деменга редовно настапува на најпознатите фестивали и во музичките центри ширум Европа, Јужна Африка, САД, Јужна Америка, Австралија и Азија. Често соработува со уметници како: Хајнц Холигер, Марио Вензаго, Денис Расел-Дејвис, Леиф Сегерстам, Хесус Лопес-Кобос, Хауард Грифит, Кристоф Попен, Леонидас Кавакос, Александар Локвих, Изабел Фауст, Наталија Гутман и др, како и со Циришкиот „Тонхале“ оркестар, Симфонискиот оркестар во Базел,  Радио-симфонискиот оркестар во Виена, Камерата Берн, Минхенскиот камерен оркестар, оркестарот „Суис-Роман“, камерниот оркестар од Лозана, „Кремерата Балтика“, ансамблот „Модерн“ и др.

Неговите бројни аудио изданија го презентираат на светската публика, а тој премиерно изведува дела од Исанг Јун, Герхард Шедл, Хајнц Холигер и др. Патрик Деменга предава на Конзерваториумот во Лозана, а редовно одржува семинари низ Европа и светот.

Неколку години делува како раководител на  Чело-фестивалот „Вива чело“ во Базел, а уметнички раководител е на серијата концерти со име „Четири годишни времиња“ во Блуменштајн, како и на фестивалот во Меиринген.  Добитник е на наградата „Златно гудало“ во 2001 година, а особен афинитет има кон современата музика

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот, а на програмата се дела на Моцарт, Брамс, Шостакович. аб/ев/

фото/Охридско лето

 

Остани поврзан