• понеделник, 21 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Членките на ЕУ утре ќе решаваат за европскиот одговор на американските царини за челик и алуминиум  (ДПЛ)

Членките на ЕУ утре ќе решаваат за европскиот одговор на американските царини за челик и алуминиум  (ДПЛ)

Брисел, 8 април 2025 (МИА) - Земјите членки на Европската Унија утре треба да се изјаснат за предлогот на Европската комисија за реципрочни мерки на ЕУ на царините за челик и алуминиум воведени од страна на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, информира денеска портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил.   

- Ако ни дадат мандатот за тие контрамерки, очекувам да стапат во сила на почетокот на следната недела, истакна Гил.  

Тој најави дека како втора фаза на европскиот одговор, Европската комисија следната недела ќе претстави и план за реакција на американските царини на автомобилите и на т.н. реципрочни царини воведени од САД.  

- Тоа ќе оди на истиот начин како што направивме и со челикот и алуминиумот. Прво го објаснивме патоказот, потоа ги консултиравме земјите членки и се консултиравме со индустријата, пред да излеземе со конечните мерки, што потоа им ги предлагаме на земјите членки за усвојување, додаде Гил.  

Според него, можеби оваа постапка е „малку збунувачка“, но Еврокомисијата работи според правила, кои понекогаш се прилично бирократски структурирани, но тоа е начинот на кој функционира ЕУ.  

- Воопшто не сакаме да одиме во тој правец. Се обидуваме да избегнеме царини. Ние не ја создадовме оваа ситуацијата и се обидуваме да ја поправиме, рече Гил, додавајќи дека стратегијата на ЕУ останува непроменета и таа сака да преговара со американската страна за избегнување на ваквата ситуација со царините. 

Гил нагласи дека ЕК ќе се обиде во одговор на американските царини да преземе мерки кои ќе имаат минимални штети врз Европската Унија, но ќе и обезбедат максимално можна силна позиција во преговорите со САД. 

На прашање зошто ЕУ чекаше толку долго, па дури вчера ја предложи идејата за „нула за нула“ царини за автомобилите и индустриските стоки, кои Трамп во меѓувреме ја отфрли, Гил посочи дека за преговори со САД за ваквите „нула за нула“ царински мерки, ЕК добила мандат уште во 2019 година со цел да се избегнат царините. 

- Зошто да ги зголемуваме царините, кога можеме да ги намалиме. Со намалување на царините и двете страни може да имаат корист. Понудата е на маса, ајде да разговараме за тоа наместо да зборуваме за некои одговори кои само ќе ни наштетат на сите, додаде Гил. 

Кога станува збор за разговорите, Гил истакна дека за оваа недела засега не се предвидени никакви преговори меѓу претставници на ЕУ и САД, но дека сепак рие може да се одржат, бидејќи, како што рече, работите се менуваат од ден во ден и од час во час. 

Во однос на најавите што доаѓаат од Вашингтон околу прашањата за кои би се разговарало, вклучително и за т.н. нецариски бариери и за примената на Законот за дигитални услуги, Гил одговори дека ЕУ се фокусира само на она што се случува во реалната политика, а не и на изјави за медиуми и на објави на социјалните мрежи. 

- Мораме да останеме смирени и фокусирани на она што всушност се случува и што да правиме. САД истапија со нови царини и ние одговоривме на мирен, кохерентен и структуриран и целен начин. Тоа е она што ќе продолжиме да го правиме, додаде Гил. 

Тој истакна дека во „контекст на тековните трговски компликации“, има некои прашања за кои ЕУ е подготвена да разговараме со американските претставници, но и такви за кои не е подготвена да дискутира.  

- Ние се ангажираме со САД со цел да избегнеме дополнителна економска штета за нас и за пошироката глобална економија. Паралелно, водиме дискусии и со сите наши глобални партнери, вклучително и со Кина, за тоа како можеме потенцијално да го зајакнеме трговскиот поредок заснован на правила во корист на сите и ќе продолжиме да ги водиме тие дискусии, додаде Гил. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан