• петок, 03 јануари 2025

Хранилка за мачиња со музика произведе професорот иноватор Ангелков од Кавадарци 

Хранилка за мачиња со музика произведе професорот иноватор Ангелков од Кавадарци 

Кавадарци, 31 декември 2024 (МИА) - Хранилка за мачиња со музика произведе професорот иноватор Димитрија Ангелков од Кавадарци. Во изјава за МИА, овој доктор на електротехнички науки, појаснува дека станува збор за своевиден храномат за улични мачиња, што освен засолниште и храна за овие животинки, дава и музика.   

- Машината е со димензии, 180 сантиметри висина, долга е 60 сантиметри и широка исто толку, во неа може да влезат четири мачиња да се засолнат. Кога ќе ставите паричка се пушта музика и паѓа точно толку храна, колку што се вметнале парички. Работи на струја од 12 волти, може да се стави солар, тогаш ќе работи на сонце. Има база од 300 песни, секојпат различна песна се пушта. Може да се брендира и да служи како рекламно пано. Направена е да работи за надвор, водоотпорна, од алуминиум е изработена и ги задоволува сите стандарди за безбедност на животните, споделува професорот од Електро-машинското училиште, кој има бројни награди за своите иновации. 

Самиот ја изработил машината, вели дека ќе ја постави на неговата улица во Кавадарци, пред работилницата за иновации. 

- Проектот е самоодржлив, од собраните пари се купува храна и се полни машината и така се придонесува за обезбедување храна и засолниште за уличните мачиња, за да не се разболуваат. Истовремено, се придонесува кон хигиена во градот, оти понекогаш и несакајќи, гладните улични мачки во потрага по храна, расфрлаат храна од контејнери и канти за отпад, подвлекува Ангелков, нагласувајќи дека музиката доаѓа како гратис. 

Професорот стои на располагање да направи вакви машини и за други заинтересирани лица, кои сакаат да им помагаат на животните. свд/бд/

Фото: Димитрија Ангелков 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан