ХД „Дрита“-Дебар по повод празникот Рамазан Бајрам достави помош-донации за семејствата во социјален ризик и децата без родител(и)
- Во рамки на своите активности, дебарското хуманитарно друштво „Дрита“, во текот на Светиот месец Рамазан и по повод празникот Рамазан(Фитр) Бајрам израдува многу семејства, кои се во неповолна социо-економска состојба, како деца без родител(и).

Дебар, 30 март 2025 (МИА) – Во рамки на своите активности, дебарското хуманитарно друштво „Дрита“, во текот на Светиот месец Рамазан и по повод празникот Рамазан(Фитр) Бајрам израдува многу семејства, кои се во неповолна социо-економска состојба, како деца без родител(и).
-Со последниот ден од Рамазан, вчера, ги завршивме нашите активности, доставувајќи помош-донации од нашите верници и граѓани, кои живеат тука и оние од странство, до секое семејство во градот и населените места. Се надеваме дека ја постигнавме целта, многу семејства да не се чувствуваат заборавени и рамазанските пости и празникот го минат подостоинствено, рече за МИА, Нертил Османи, претседател на друштвото.
Според него во текот на рамазанските пости распределиле ваучери за 4 илјади векни леб и подготвен оброк, по 200 пакети со прехранбени артикли и средства за одржување хигиена, над илјада евра финансиска помош за студенти.
-Она што побудува посебно чувство на задоволство во нашите души е помошта што ја обезбедивме за децата без родител(и), за која радоста во детските очи беше наша сатисфакција да продолжиме со нашата мисија. За 58 деца од градот и населените места, во трите општини, распределивме по 6000 денари или во вкупен износ од 348 илјади денари. Конкретно децата добија ваучери за облека и обувки во износ од по 4 илјади денари, како по два илјади денари за нивни потреби. Тие исто така беа опфатени со веќе споменатата помош во храна и хигиенски пакети, посочи Османи.
Искажувајќи благодарност до донаторите и активистите на друштвото, Османи упати честика по повод големиот празник Рамазан Бајрам, посакувакќи здравје, среќа, мир,благосостојба и продолжување на верската хармонија по која е препознатлив регионот. вт/дма/
Фото: ХД „Дрита“