• понеделник, 23 декември 2024

Хасани: Албанија во Советот за човекови права, ќе се залага за свет во кој секој човек може да живее со достоинство и почит

Хасани: Албанија во Советот за човекови права, ќе се залага за свет во кој секој човек може да живее со достоинство и почит

Тирана, 26 февруари 2024 (МИА) - За време на својот тригодишен мандат во Советот за човекови права при ОН, Албанија ќе се залага за вечните принципи на човековите права и достоинство и за изградба на свет каде што секој човек ќе може да го реализира својот целосен потенцијал и да живее со достоинство и почит, изјави албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани во Женева.

На состанокот на високо ниво на 55-та сесија на Советот за човекови права, истакна дека еден од приоритетите на Албанија како членка на Советот е и изведување пред правдата на сторителите на сериозни злосторства, борбата против неказнивоста и спречување на понатамошни прекршувања на основните човекови права.

-Ние целосно го поддржуваме мандатот на истражната комисија и како членка на Советот за човекови права ќе работиме напорно, заедно со партнерите, кон постигнување на целта, да се изведат пред лицето на правдата сторителите на злосторствата против човештвото во Украина. На 28 февруари ќе бидеме домаќини на самитот Украина-Југоисточна Европа во Тирана, за да ја поддржиме Украина и да ја осудиме оваа нелегална агресија и злосторствата што ги донесе, рекол Хасани.

Албанскиот прв дипломат додаде дека Албанија се подготвува за четвртиот циклус на универзалниот периодичен преглед, што според него, е можност да се презентираат активностите преземени за подобрување на состојбата со човековите права во Албанија и да се споделат најдобрите практики.

- Во работата на Советот за човекови права и на терен, ќе работиме на поддршка на учеството на актерите од граѓанското општество и оние кои ги заштитуваат човековите права, особено жените. Ова е многу важен приоритет за мојата земја, посочил тој.

Ова е вторпат, во период од помалку од 10 години, Албанија да стане дел од ова важно тело на ОН кое се занимава со прашања за заштита и почитување на човековите права. Првиот мандат беше во периодот 2015-2017 година. вт/ссм/

Фото: МЕН

Остани поврзан