• сабота, 21 декември 2024

Харис до утре ќе го претстави својот кандидат за потпретседател на САД

Харис до утре ќе го претстави својот кандидат за потпретседател на САД

Вашингтон, 5 август 2024 (МИА) – Кандидатката на демократите на американските претседателски избори, актуелната потпретседателка Камала Харис, се очекува утре да го претстави својот потпретседателски кандидат, изјавија два извори за британските медиуми.

Одлуката на Харис би можела да биде објавена во секој момент до утре, кога таа ќе го има своето прво појавување со потпретседателскиот кандидат на митинг во Филаделфија, на почетокот на турнејата низ клучните држави кои најверојатно ќе го одлучат победникот на изборите.

Харис го намали својот избор на тројца кандидати со кои разговараше во текот на викендот во Вашингтон - гувернерот на Минесота, Тим Волш, сенаторот од Аризона, Марк Кели, и гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро.

Таа во петокот разговараше 90 минути со секретарот за транспорт, Пит Бутиџиг, и имаше онлајн средби со гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар, и гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прицкер.

Изборот на потпретседателски кандидат за актуелната потпретседателка на САД е најважната политичка одлука која Харис ќе ја донесе досега, во пресрет на претседателските избори на 5 ноември, на кои ќе му се спротивстави на републиканецот Доналд Трамп.

Нејзиниот список на кандидати беше составен од белци кои беа успешни во освојувањето на гласовите на руралните, белите и независните гласачи.

Кандидатите ќе бидат известени за нејзината одлука до вечерва или утре наутро, изјавија изворите за британските медиуми.

По оваа одлука Харис и нејзиниот кандидат за потпретседател за пет дена ќе мора да посетат седум градови: Филаделфија во Пенсилванија, О Клер во Висконсин, Детроит во Мичиген, Дарам во Северна Каролина, Савана во Џорџија, Феникс во Аризона и Лас Вегас во Невада, откри нејзиниот изборен штаб. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан