• сабота, 21 декември 2024

ФТ: Објавен планот на Трамп за ставање крај на војната во Украина

ФТ: Објавен планот на Трамп за ставање крај на војната во Украина

Вашингтон, 29 октомври 2024 (МИА) - Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, предложи контроверзен план за завршување на војната во Украина, кој предвидува „замрзнување“ на конфликтот и создавање автономни, демилитаризирани зони.

Според информациите на Фајненшел Тајмс, овој предлог предвидува намалувањето на американската улога и поголем ангажман на европските земји како гаранти на мировниот процес, но без интеграција на Украина во НАТО.

Републиканскиот кандидат за потпретседател Џ.Д. Венс во септември ја изнесе идејата за замрзнување на војната со формирање автономни региони и демилитаризирани зони од двете страни на границата, но без членство во НАТО, потсетува ФТ.

Според еден од долгогодишните советници на Трамп, новиот план предвидува преиспитување на договорите од Минск од 2014 и 2015 година, кои никогаш не беа спроведени. Тие договори предвидуваа територијален интегритет на Украина со автономни зони, додека окупираниот Крим не беше споменат. Планот на Трамп вклучува воведување на „клаузула за механизам за извршување“, односно воведување санкции за прекршување на договорот.

Европските земји треба да ја преземат улогата на гаранти и „надзорници“ на мировниот процес, додека учеството на Соединетите Американски Држави и НАТО би било минимално, пишува Фајненшл тајмс. - Има две работи на кои САД ќе инсистира. Нема да имаме наши луѓе во механизмот за спроведување. Нема да го финансираме. Европа ќе плати за тоа, додаде советникот на Трамп.

Критичарите, вклучувајќи ги и украинските власти, предупредуваат дека ваквиот пристап може да се гледа како попуштање пред руската агресија, додека поддржувачите на Трамп веруваат дека е неопходна нова стратегија, земајќи ја предвид актуелната состојба на теренот.

Сојузниците на Трамп тврдат дека Украина ја губи војната и затоа притисокот за договор е „морално исправно“. Трамп смета дека сегашниот американски претседател Џо Бајден треба да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, како што американските претседатели разговараа со лидерите на Советскиот Сојуз за време на Студената војна и дека членството на Украина во НАТО во моментов не е опција.

Фред Флејц, поранешен аналитичар на ЦИА, кој работеше во Белата куќа за време на мандатот на Трамп, а сега е во Центарот за американската безбедност, во интервју за ФТ сугерира дека членството на Украина во НАТО може да биде надвор од агендата неколку години, со цел да се принуди Русија да преговара.

- Го замрзнуваме конфликтот, Украина не отстапува територија, не се откажува од своите територијални претензии, и почнуваат преговори со разбирање дека веројатно нема да има конечен договор додека Путин не се повлече од функцијата руски претседател, рече Флејц. Сепак, овој пристап нема да има едногласна поддршка во Републиканската партија, известува ФТ.

Мајк Волц, еден од главните републикански говорници за национална безбедност во Претставничкиот дом, сугерираше дека Трамп треба да се закани со уништување на руската економија со намалување на цените на нафтата и гасот за да го доведе Путин на преговарачка маса.

- Извезувате поевтина, почиста американска нафта и гас низ целиот свет. Ја намалувате цената, додаде Валц.

Саудиска Арабија, важен сојузник на Трамп за време на неговиот прв мандат, веројатно не би го поздравила таквиот потег. Сепак, луѓето блиски до Трамп инсистираат дека тој ќе изврши силен економски притисок врз Путин.

- Тој покажа дека знае како да ги доведе двете страни на маса, рече Рик Гренел, поранешен амбасадор во Берлин и балкански пратеник на Трамп, потсетувајќи на Абрахамскиот договор, договорите потпишани од Израел и Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан додека Трамп беше на власт.

- Тој го правеше тоа постојано. Арапите и Израелците, Русите и Украинците ќе бидат следни, рече тој.

Иако стратегијата на Трамп се чини како можност за ново решение, многумина се прашуваат за долгорочните последици и безбедносните гаранции за Украина. Овој план ќе биде тема на политички дебати, особено во контекст на претстојните избори во САД. ссм/

фото: архива

Остани поврзан