• петок, 22 ноември 2024

Француска компанија побара дозвола за продажба на паштета од месо добиено во лабораторија 

Француска компанија побара дозвола за продажба на паштета од месо добиено во лабораторија 

Брисел, 26 јули 2024 (МИА) - Француската прехранбена компанија „Гурме“ поднесе барања до пет служби задолжени за безбедност на храната, меѓу кои и до Европската управа за безбедност на храната (ЕФСА), за добивање овластување за продажба на паштети од гускино месо произведено во лабораторија. 

Компанијата, чие седиште е во Париз, денеска соопшти дека покрај до ЕФСА, поднела барања и до управите за безбедност на храната на Велика Британија, Сингапур, САД и Швајцарија, за дозвола за продажба на своите производи од гускино месо добиено од клетки во лабораториски услови, кои ќе биде „нов извор на задоволство за љубителите на паштети“. 

- Премиум сегментот отсекогаш бил водечки во трендовите на храна затоа што во него се случуваат највозбудливите иновации. Сведоци сме на возбудлива комерцијална заинтересираност за нашиот прв ваков производ во многу региони каде готвачите сакаат да продолжат да служат висококвалитетна паштета, изјави извршниот директор на „Гурме“, Никола Моран-Форест. 

Тој додаде дека со нетрпение ја очекува соработката со надлежните регулатори тела со цел да се обезбеди усогласеност на новиот производ со безбедносните барања, особено во ЕУ каде, според него, поставените стандарди за безбедност на храната „бараат многу“ од производителите. 

Лабораториски добиеното месо се произведува со користење на примерок од вистински животински клетки и се развива во опкружување богато со хранливи материи, формирајќи мускули, маснотии и сврзни ткива. Во ваквото месо обично се користи говедски фетален серум, за што е потребно да се заколи крава, што го прави „етички проблематично“ за вегетаријанците и веганите. 

Но, „Гурме“ тврди дека во производството на неговата нова паштета не биле користи компоненти од животинско потекло, однос дека е добиен производ без да биде заклано животно. Дополнително, компанијата тврди и дека врз основа на студија изработена од надворешни експерти, нејзиното влијание врз животната средина ќе биде значително помало отколку при конвенционалното производство на паштети. 

Месото добиено во лабораторија, според регулативите на ЕУ, се третира како „нова храна“, правна дефиниција која се однесува на прехранбени производи кои „не биле значително присутни во исхраната на Европејците“ пред мај 1997 година. Според правилата на ЕУ, компанија која сака да пласира „нова храна“ на пазарот на ЕУ мора да поднесе барање за дозвола до Европската комисија, односно ЕФСА.  

Во јануари минатата година министрите за земјоделство на Австрија, Италија и Франција пред Советот на ЕУ иницираа дебата за тоа дали Регулативата за нова храна треба да важи и за месото добиено во лабораториски услови, при тоа барајќи построга проценка на овие месни производи. 

Според нив, ваквите иновации претставуваат закана за „вистинските методи на производство“ и ЕФСА мора да подготви насоки за проценка на месото добиено во лабораторија, слични на оние што се користат за нови лекови и фармацевтски производи. 

Со иницијативата на тројцата министри, која беше поддржана и од нивните колеги од Грција, Кипар, Литванија, Луксембург, Малта, Романија, Словачка, Унгарија и Чешка, беше побарано од  

Европската комисијата да започне „јавна консултација“ за месото добиено во лабораторија. 

Унгарија, која од 1 јули е претседавач со Унијата, неодамна предложи дебата во Советот на ЕУ за „можното негативно влијание на новата храна врз кулинарските традиции на Европа“. Будимпешта во иницијативата истакнува дека месото и млекото од животни одгледани на фарми остануваат „камен-темелник на европската прехранбена култура“, нагласувајќи дека кај граѓаните постои „скептицизам кон новите видови храна“. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан