Форумот за образовни промени предлага ветинг во високото образование како решение против корупцијата
- Воведување на процесот на ветинг на сите лица кои имаат раководни позиции во државните универзитети, во Одборот за акредитација во Министерството за образование и во сите академски унапредувања на професорите, е едно од решенијата против корупцијата кои ги предложи Форумот за образовани промени на панел-дискусијата за корупција во високото образование која се одржа денеска во „Europe House“.
Скопје, 7 декемри 2023 (МИА) - Воведување на процесот на ветинг на сите лица кои имаат раководни позиции во државните универзитети, во Одборот за акредитација во Министерството за образование и во сите академски унапредувања на професорите, е едно од решенијата против корупцијата кои ги предложи Форумот за образовани промени на панел-дискусијата за корупција во високото образование која се одржа денеска во „Europe House“.
Според Бленди Ходаи, извршниот директор на Форум за образовни промени, она што го карактеризира македонското образование изминативе години е непотизам, корупција и многу други афери што влијаат врз квалитетот на нашиот образовен систем.
- Тоа е потврдено и со ПИЗА резултатите пред два дена, каде што Република Северна Македонија е на дното, а нашиот образовен систем произведува само функционални неписмени, вели тој.
Нивните препораки се да се воведе концепт на ветинг во високото образование.
- Воведување на процесот на ветинг на сите лица кои имаат раководни позиции во државните универзитети – ректори, проректори, декани и продекани. Исто така, ветинг да се направи и во Одборот за акредитација во МОН, поради тоа што во изминатите години, истиот Одбор има акредитирано различни институции што се фиктивни и што се резултат од конфликт на интерес помеѓу членовите со некои лица, универзитети само што произведуваат дипломи. И трето, ние сакаме и бараме да има ветинг на сите академски унапредувања на професорите во звања доцент, вонреден и редовен професор во изминатите години, заради тоа што нашите првични информации се дека над 45 проценти од професорите не можат да ги потврдуваат нивните академски звања, што значи или ги имаат усвоени со плагијаторство, или ги имаат усвоени со непочитување на законските одредби што се напишани во Законот за високото образование, посочи Ходаи.
Според министерот за правда, Кренар Лога, потребен е регистар на дипломи за да нема злоупотреби и корупција во високото образование. Тој рече дека високите перцепции за корупција во високото образование се поразителни.
- Формите на корупција во високото образование може да бидат различни, од активен и пасивен поткуп, до тргување со влијанија, злоупотреби во јавни набавки, постапки на селекција, вработување и унапредување, акредитирање, како и практики на непотизам и кронизам, рече министерот.
Тој порача Академската заедница сама да ги прочисти своите редови и да го зачува својот интегритет и углед, а како главен поттикнувач на корупцијата во високото образование ги издвои наставно-научниот кадар, односно професори, доценти, асистенти. ар/ев/
Фото: МИА, Министерство за правда