• понеделник, 23 декември 2024

Фон дер Лајен треба да го претстави новиот состав на Еврокомисијата 

Фон дер Лајен треба да го претстави новиот состав на Еврокомисијата 

Брисел, 17 септември (МИА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Стразбур на средба зад затворени врати со членовите на Конференција на претседатели на Европскиот парламент, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, треба да го презентира предлог-составот на новиот Колеџ на комесари и распределбата на ресорите со кои тие ќе раководат. 

Според првичниот план, ова средба требаше да се одржи минатата недела, на 11 септември, но таа на барање на Фон дер Лајен беше презакажана за денеска, со цел да и се даде време на Словенија да ја заврши процедурата околу номинацијата на новопредложената словенечка кандидатка за еврокомесарка Марта Кос. 

Словенија првично за еврокомесар го предложи поранешниот претседател на словенечкиот Суд на ревизори, Томаж Весел, но тој на почетокот на месецов ја повлече својата кандидатура. Повлекувањето на Весел уследи по информациите дека Фон дер Лајен побарала од некои земји членки, меѓу кои и Словенија, да ги заменат своите предложени кандидати мажи со жени, со цел да се постигне колку што е можно поголема родова еднаквост во новото извршно тело на ЕУ. Претходно и Романија го замени својот кандидат за еврокомесар со кандидатка.    

По повлекувањето на Весел, словенечкиот премиер Роберт Голоб за еврокомесарка ја предложи поранешната амбасадорка на Словенија во Германија и Швајцарија, Кос. Согласно внатрешните процедури номинацијата на Кос треба да ја одобри Комитетот за европски прашања на словенечкиот Парламент, а без ова одобрување Љубљана не може формално да го достави официјалниот предлог за еврокомесар до Брисел. Според Деловникот на словенечкиот Парламент, ова одобрување од страна на Комитетот треба да се одржи најдоцна до 24 септември, па неговиот претседател, кој доаѓа од редовите на опозицијата, најави дека нема да закаже седница пред овој датум. 

Во вакви услови заменичката главна портпаролка на Еврокомисијата, Аријана Подеста вчера потврди дека Фон дер Лајен останува на планот денеска да ја презентира новата Еврокомисија пред ЕП без формалната номинација на Кос. Сепак, Подеста остави простор за можна промена на овој план, посочувајќи дека „24 часа се многу време во политиката“ и можни се промени.   

Инаку, во слична ситуација да го претставува составот на Европската комисија без еден кандидат, Фон дер Лајен се најде и во 2019 година кога тогашниот британски премиер Борис Џонсон, во пресрет на Брегзит, одби да номинира кандидат за еврокомесар од неговата земја. 

Сепак, и покрај официјалното предлагање на составот на ЕК од страна на Фон дер Лајен, Европскиот парламент нема формално да ја започне постапката за сослушување и одобрување на новите еврокомесари се додека не ги добие официјалните номинации на сите кандидати, вклучително и на Кос.  

По поединечното одобрување на секој од предложените комесарите од страна на ресорните комитети на Европскиот парламент, европратениците треба да гласаат на пленарно заседание за избор на Еврокомисијата. Со одолговлекувањето на процедурата во Словенија, ЕП се доведува во временски цајтнот да ја заврши целата постапка за избор најдоцна до средината на октомври, како што е планирано. 

Во пресрет на денешната презентација на новата Европска комисија дојде до промена во нејзиниот предлог-состав по вчерашната оставка на европскиот комесар за внатрешен пазар и француски кандидат за еврокомесар, Тиери Бретон, кој ја обвини Фон дер Лајен дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ, како и дека последните случување се „дополнително сведоштво за сомнителното раководење“ од нејзина страна. Тој во оставката тврди и дека Фон дер Лајен и понудила на Франција „повлијателен ресор“ во новата Еврокомисија, доколку Париз предложи друг кандидат место него. ЕК одби да ги коментира ваквите тврдења, повикувајќи се на принципот на доверливост во интерната комуникација. 

Неизвесноста околу отсуството на француски предлог-еврокомесар ја отстрани претседателот на Франција, Емануел Макрон во рок од неколку часа по оставката на Бретон, кој на негово место го предложи својот близок соработник и генерален секретар на неговата либерална партија Ренесанса, актуелниот министер за надворешни и европски прашања Стефан Сежурне. Според најавите, Сежурне ќе добие „влијателен“ ресор што ќе ги покрива економските прашања, монетарната политика, финансиските услуги и пазарите на капитал. 

„Има проблем во суштината и во формата“ во врска со дипломатската криза меѓу Франција, Австралија и САД, смета Стефан Сежурне, европратеник од редовите на Републиката во Марш и политички сове

Кандидати за еврокомесари: 

- Австрија: Магнус Брунер, министер за финансии;  

- Белгија: Хаџа Лабиб, шефица на дипломатијата;  

- Бугарија: Екатерина Захариева, поранешна министерка и актуелна пратеничка во бугарското Собрание; 

- Грција: Апостолос Ѕиѕикостас, гувернер на грчкиот регион Централна Македонија и поранешен претседател на Европскиот комитет на регионите; 

- Данска: Дан Јоргенсен, министер за развојна соработка и глобална климатска политика;  

- Ирска: Мајкл Мекграт, министер за финансии; 

- Италија: Рафаеле Фито, министер за европски прашања и кохезивна политика; 

- Кипар: Костас Кадис, поранешен министер за земјоделство, за образование и за култура; 

- Летонија: Валдис Домбровскис, еврокомесар за трговија; 

- Литванија: Андриус Кубилиус, европратеник и поранешен премиер; 

- Луксембург: Кристоф Хансен, европратеник 

- Малта: Роберт Абела, шеф на Кабинетот на малтешкиот премиер Глен Микалеф; 

- Полска: Пјотр Серафин, постојан полски претставник во ЕУ; 

- Португалија: Марија Луис Албакерки, поранешна министерка за финансии; 

- Романија: Роксана Манзату, европратеничка и поранешна министерка за европските фондови; 

- Словачка: Марош Шефчович, потпретседател на Европската комисија за зелениот договор и за меѓуинституционални односи; 

- Словенија: Марта Кос, поранешната амбасадорка во Германија и Швајцарија; 

- Унгарија: Оливер Вархеји, комесар за проширување и соседска политика; 

- Финска: Хена Виркунен, поранешна европратеничка и екс-министерка за образование, за јавна администрација и за транспорт; 

- Франција: Стефан Сежурне, министер за надворешни и европски прашања; 

- Холандија: Вопке Хукстра, еврокомесар за климатска акција; 

- Хрватска: Дубравка Шуица, еврокомесарка за демократија и демографија;  

- Чешка: Јозеф Сикела, министер за индустрија и трговија; 

- Шведска: Јесика Розвол, министерка за европски прашања и нордиска соработка; и 

- Шпанија: Тереза Рибера, министерка за еколошка транзиција.  

Германија и Естонија оваа година не номинираа кандидати за еврокомесари, бидејќи германското место го зазема претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, а естонското поранешната премиерка и европратеничка Каја Калас, која Советот на ЕУ во јуни ја предложи за висока претставничка за надворешна политика и безбедност. сп/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан