Финансиска поддршка од 15 илјади денари за првороденото бебе во Општина Берово
- Покрај паричната сума за првородено дете, на семејството Станојски исто така ќе им бидат исплатени и 7.000 денари за новородено дете, согласно програмата за социјална заштита за 2025 година.
Берово, 3 јануари 2025 (МИА) - Првороденото дете во Општина Берово, во 2025 година, е женско, родено е на првиот ден од Новата година и е прво дете во семејството на Ристе и Мартина Станојски од с.Двориште. Денеска градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски во својот кабинет оствари средба со среќниот татко, на кој му беше доделено решение за финансиска поддршка.
- На ова семејство му доделив решение за финансиска поддршка во износ од 15.000 денари која се доделува на првороденото дете во 2025 година, запишано со адреса на живеење во Општина Берово. Емили е родена во Скопје, на 1 јануари, првиот ден од Новата година, што навестува плодна и берикетна година за Берово. Посакуваме таа да има среќно и безгрижно детство и да носи многу среќа и радост во семејството Станојски, истакна Пекевски.
Покрај паричната сума за првородено дете, на семејството Станојски исто така ќе им бидат исплатени и 7.000 денари за новородено дете, согласно програмата за социјална заштита за 2025 година. вс/
Фото: МИА