• сабота, 16 ноември 2024

Филков: Измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за патот кон ЕУ

Филков: Измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за патот кон ЕУ

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) – Министерот за правда, Игор Филков, на дебатата „Платформа: 100% посветени за тебе“ на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ истакна дека Извештајот на Европската Комисија претставува силен поттик за потребните реформи. Тој нагласи дека измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе бидат клучни за напредокот на патот кон ЕУ, за што од утре почнуваат јавни дебати. Министерот информираше и за формирањето на Комората на вештаци, која, според него, ќе игра важна улога во подобрувањето на правниот систем.

- Да бидеме искрени, нас не ни треба никаков извештај за да ни каже какви се состојбите, ниту го чекавме истиот за да пристапиме кон реформските чекори кои ги ветивме на граѓаните и за кои ја добивме довербата. Ние како Министерство за правда, уште од прв ден пристапивме кон реформскиот процес и кон донесување одлуки и измени како сето ова да го придвижиме во вистински правец, рече Филков.

Нагласи дека реформите во правосудството се одвиваат во согласност со развојната секторска стратегија за правосудство за 2024-2028 година. 

-Она што е најбитно за нас во периодот се реформите во правосудството и тие секако ќе се одвиваат во согласност со развојната секторска стратегија за правосудство за 2024-2028 година, посочи тој. 

Дополни дека една од најголемите предизвици и најзначајна реформа се измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, што, според него, ќе биде клучно за напредокот на патот кон ЕУ.

- Буквално од утре почнуваме со стручните дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет подготвен од страна на работната група, формирана од страна на Министерството за правда. Ова ќе биде еден од неколкуте настани кои што ќе следат периодов. Планирано е некаде до крајот на декември да го завршиме процесот, што значи дека ќе имаме една дебата неделно. Очекувањата се големи. Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на законот за судскиот совет, рече министерот.

Во врска со прашањето за Комората на вештаци, министерот информираше дека таа е формирана после осум години.

- Од 25 октомври 2024 година е направен упис на комората во централниот регистар и таа е функционална. Ова е голем исчекор за комората која што предолго беше во мирување и го лиши правниот систем од експертиза. Но, она што е важно е дека сега таа е функционална и е ставена во функција, рече тој.

Дополни дека една од новините на Законот за вештачење е формирање на професионалните одделенија на Комората.

- Има 16 професионални одделенија, назначени се нивни раководители и заменици, така што, на седницата на основачкото собрание беа избрани органите на комората и донесени се основачките акти на истата. Ова претставува клучен чекор во подобрување на правниот систем и создавање на силен механизам за контрола и поддршка на вештаците од Македонија. Истата Комора ќе биде одговорна за лиценцирањето, едукација и вршење надзор на вештаците и нивната работа, дополни министерот. ар/ев/
      

Фото: МИА архива  

Остани поврзан