• недела, 18 август 2024

Филипче: 35% од оние кои гласаа за ВМРО-ДПМНЕ денес не би гласале повторно за нив

Филипче: 35% од оние кои гласаа за ВМРО-ДПМНЕ денес не би гласале повторно за нив

Скопје, 18 август 2024

Општото незадоволство од владеењето на Мицкоски и неговата Влада е очигледно вели во интервју за неделникот Фокус, претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Во интервјуто, Филипче ги коментира кадровските политика на владата и пропустите кои ги прави Мицкоски и неговата влада како во процесот на реформи, така и во сферата на економијата и надворешната политика на Македонија.   

„ Според нашите анализи, 35% од граѓаните кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ на изборите денес не би го направиле истото. Ова е јасен индикатор дека поддршката за Владата паѓа. Според мене, Владата ги изневери скоро сите клучни ветувања“-вели Филипче.

Во интервјуто за неделникот „Фокус“, претседателот на СДСМ, коментира дека од владеењето на Мицкоски разочарани се и работниците, а со економските политики кои ги планираат, стандардот на граѓаните ќе биде уште полош. 

 „Ги разочараа работниците на кои јасно им порачаа дека не се приоритет. Платите со ВМРО-ДПМНЕ нема да растат, додека според нивните економски проекции на БДП, нема да расте ниту економијата. Истовремено, најавуваат даночен рај за најбогатите компании, политика која е исклучително погрешна и целосно несоодветна за 2024 година. Таа носи и ризици по меѓународните финансиски рејтинзи на државата. Ако на ова се додадат огромните задолжувања, но и поскапувањата кои Владата нема намера да ги контролира и амортизира, јасно е дека животниот стандард само ќе тоне“-вели Филипче за неделникот „Фокус“.

Коментирајќи ги кадровските политики на новата влада, предводена од Мицкоски, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека тоа е најлошо екипирана влада досега, со секојдневни гафови на министрите поради нивната нестручност и некомпетентност. Што се однесува до надворешната политика, наместо решенија Мицкоски креира нови конфликти со соседите, вели претседателот на СДСМ.

Филипче: Мицкоски падна уште на првиот тест за политичка одговорност 


Претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче, во интервју за неделникот „Фокус“ зборува за актуелните политички настани во земјава, во мандатот на Владата на Христијан Мицкоски. Филипче оценува дека во првите два месеци од мандатот на владата на Мицкоски, тој падна на првиот тест за политичка одговорност. 


„Мицкоски ветуваше дека ниту еден политичар нема да биде поштеден од политичка одговорност доколку се докаже дека работел спротивно на правилата и законите. Тој ова го има повторено стотици пати пред да ја преземе власта, а веќе во првиот случај кој предизвика меѓународен инцидент, постапи спротивно на овој принцип. Во случајот со обезбедувањетона Гаши има јасно утврдена одговорност кај Претседателот на Собранието од страна на Министерството за внатрешни работи. Во својот извештај, МВР вели дека обезбедувањето на Гаши било незаконски испратено на аеродромот. Ова не го констатирам јас или јавноста, туку самото министерство што значи дека имаме чисто утврдена одговорност. Мицкоски падна на првиот тест кога не иницираше смена на Гаши со што го погази принципот кој толку силно го промовираше“ вели Филипче за Фокус. 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче смета дека тоа е една од причините зошто разочарувањето од новата Влада е големо. 

„Тие ги погазија основните вредности и принципи со кои ги придобија гласачите. Го напаѓаа СДСМ дека се однесува поданички кон ДУИ, но тие и покрај огромното мнозинство се во ситуација да замижуваат пред незаконските дејствија од албанскиот коалициски партнер. Да не ги споменувам и скандалозните назначувања кои Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги одобруваат“-изјави Филипче во интервју за неделникот „Фокус“.


 Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан